Преглед на вестите од светот
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа за Њузмакс Балканс изјави дека шестото студентско барање дошло „директно покренато од Албин Курти“.
„Министер во владата на Северна Македонија и пријател на Курти ме нападна без причина што ги посетив граѓаните на кои беа на лекување во Белград, а потоа тоа стана шесто барање на студентите. Со тоа Курти директно го предизвика“, рече Вучиќ. Тој не прецизираше за кој македонскиот министер станува збор и каква врска има Албин Курти со студентите. Вучиќ не даде никаков доказ за своите тврдења.
Шестото студентско барање, се однесува на одговорноста за оние кои дозволија функционери и новинари да ги посетат пациентите кои се лекуваат во Белград како последица од пожарот во ноќниот клуб во Кочани.Тоа барање претходно - на 28 март - беше поставено од студентите во блокада од Медицинскиот факултет.
Хеликоптер Бел 206 се урна и потона во реката Хадсон во Њујорк, вчера попладне по локално време. Според официјалните лица во леталото имало шест лица, вклучувајќи пет патници и еден пилот на летот со хеликоптер. Сите присутни во хеликоптерот починале и веќе се идентификувани Агустин Ескобар, директор на Сименс, неговата сопруга и нивните три деца на возраст 4, 5 и 11 години. Заедно со 36-годишниот пилот, потврдиле полициски извори.
Иако не се знае зошто се урнал хеликоптерот, неговото запрепастувачко спуштање од небото ги шокирало сведоците. Причината за несреќата се истражува.
Иран сака да разговара за привремен нуклеарен договор на разговорите со САД во Оман. Техеран сака да му понуди на Вашингтон разговори за привремен нуклеарен договор пред да ги продолжи преговорите за сеопфатен договор.
Иран смета дека е нереално да се постигне сложен и технички прецизен нуклеарен договор во рокот од два месеца што го постави американскиот претседател Доналд Трамп и сака повеќе време за да се избегне ескалација.
Привремениот договор меѓу САД и Иран би можел да вклучи суспендирање на дел од процесот на збогатување ураниум во Техеран, намалување на залихите на Иран од 60 отсто збогатен ураниум и давање на инспекторите на ОН поголем пристап до нуклеарните капацитети во земјата, велат изворите.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар