Свет
10. April 2025 - 17:06

Никој на форумот во Делфи не ги оправда царините на Трамп – „Најпогодени ќе бидат Американците“

Американските царини главна тема на економскиот форум во Делфи. На настанот присутни се над илјада говорници од 70 земји, а од вчера учесник е и министерката за финансии Димитиреска Кочоска. Во изјава за Сител вели откако Трамп ги стави царините на пауза, состојбата се релаксира. По три месеца, 10% царини може да поднесе и американската економија, а компаниите кои извезуваат таму може да ги поделат трошоците.

Сериозна загриженост нема, вели министерката, а главниот фокус сега е како да се реорганизира светот, да се направат нови трговски врски и партнерства.

„Првите панелисти имаа еден заеднички заклучок, велат да видиме кој ќе победи, дали неколку економисти во Белата куќа наспроти економистите од целиот свет. Затоа што нивните заклучоци се исти како она што го зборувавме и ние пред неколку дена, тешко е да го движите капиталот, за многу краток период да се прилагодите на состојбите. Имаше многу интересни заклучоци, Грците велат што сега Грција е голем извозник на маслинки во САД, кога се донесени одлуките веќе маслинките беа на бродови и веќе пловат кон САД, по која цена ќе се откупат, дали ќе се платат високи царини итн“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

Ниту еден од учесниците на форумот не се ни обидел да ги оправда високите царински стапки на Трамп. Дури и американските економисти застанале против тарифниците од причина што економијата на САД ќе биде најпогодена, сподели министерката.

„Од овие одлуки на претседателот Трамп, сепак, најмногу последици ќе трпи американската економија. Таму со сигурност може да се зборува дека доколку продолжат одлуките такви какви што се ќе влезат во стагфлација, односно ќе имаат и намалување на растот на економијата, можеби негативни стапки, инфлацијата со сигурност ќе се почувствува на нивното тло, а сето тоа во Европа ќе оди малку позадоцнето. Но, пак ќе кажам, ова беа дискусии пред да се донесе одлуката од 10%, повторно денеска се истите дискусии дека Американците повеќе ќе ја почувствуваат инфлацијата“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии 

Премиерот Мицкоски, пак, вчера остварил телефонски разговор со американскиот државен секретар за економија, Хауард Лутник.

„Во духот на блиското македонско-американско партнерство, потврдивме дека нашите односи се цврсти, пријателски и исполнети со заемна доверба, при што истакнав и дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за Владата. Се согласивме да продолжиме да го развиваме стратешкото и економско партнерство помеѓу двете земји“, напиша Мицкоски на ФБ.