Преглед на вестите од светот
Во Грција денеска се одржува 24-часовен штрајк, организиран од двата најголеми синдикати во земјата, со барање за зголемување на платите и намалување на инфлацијата, јавуваат грчките медиуми. Штрајкот ќе доведе до прекини во сообраќајот низ државата, како и во образованието и општинските работи, објави Катимерини.
Генералната конфедерација на грчките работници која ги претставува вработените во приватниот сектор, и синдикатот на јавниот сектор повикаа на штрајк. Контролорите на летање ќе се приклучат на штрајкот, што ќе предизвика прекин на воздушниот сообраќај. И фериботите ќе бидат прекинати бидејќи во штрајкот учествува и Панхеленската федерација на морепловци.
Метрото во Атина ќе работи само од 10 до 17 часот. Нема да има железнички услуги во Атина, вклучително и приградската железница. Автобусите и тролејбусите на јавниот превоз ќе сообраќаат од 9 до 21 часот, а надвор од тоа време сообраќајот ќе биде во прекин. Се очекува нормално да сообраќаат приградските автобуски линии.
Синдикатите бараат колективни договори за работа, зголемување на платите и враќање на 13-ти и 14-ти месечни плати.
Најмалку 79 луѓе загинаа, а 155 се повредени откако се урна кров на ноќен клуб во Доминиканската Република, соопшти шефот на агенцијата за помош при катастрофи Хуан Мануел Мендез. Делови од покривот се урнаа врз посетителите на забавата за време на концертот на пејачот Руби Перез. Според медиумите, меѓу повредените е и музичарот, кој е популарен во Латинска Америка. Спасувачите бараат затрупани жртви под урнатините со помош на термални камери. Претседателот на државата Луис Абинадер го посети местото на катастрофата. „Длабоко жалиме за трагедијата во ноќниот клуб Џет Сет“, напиша тој на „X“.
Американскиот претставник за трговија Џејмисон Грир потврди дека таканаречените реципрочни царини, најавени од претседателот на САД, Доналд Трамп, стапуваат на сила. Речиси 70 земји ѝ пристапија на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со барање за почеток на трговски преговори, соопшти портпаролката на Белата куќа Каролин Левит. Во однос на заканата на Трамп да воведе дополнителни царини од 50 отсто кон Кина, со што вкупната давачка со која се соочува Пекинг би достигнала 104 отсто, таа потврди значителна ескалација меѓу двете суперсили.
Во однос на медиумските прашања за тоа дека се менува политиката на Белата куќа – од одбивање преговори до повик за нови договори – Левит рече дека и двете изјави можат да бидат точни истовремено. Според неа, САД се соочиле со „економска и безбедносна криза“ поради неправедни трговски услови.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар