Вандализирана градинка во Бутел
Искршена влезна врата, прозорци, хидранти... Уште не доизградена, градинка во Бутел мета на вандали. Објектот се наоѓа во дворот на училиштето „Св Климент Охридски“, а според плановите на општината, во употреба треба да се пушти во септември.
Шест месеци пред да биде пуштена во употреба вандали искршиле врата, прозорци, а оставиле и потписи на ѕидовите.
Случајот е пријавен во полиција, од каде само кратко велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Градинката почна да се гради во 2022 година, а предвидено е да згрижи 120 деца на површина од 870 метри квадратни. Засега е нејасно дали демолирањето на објектот ќе значи и пролонгирање на рокот за ставање во употреба.
Вандализирањето доаѓа во време кога Државната ревизија објави дека и покрај тоа што во изминатите години изградени или реконструирани се 67 објекти на градинки, за над 4.600 деца нема места во градинките.
Дури две третини од градинките ширум државата опслужуваат многу повеќе деца отколку што имаат капацитет. А просекот на деца во една група далеку ги надминува пропишаните стандарди и норми, па воспитувачките и негувателките се принудени во една група да чуваат многу повеќе деца отколку што е потребно.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар