Македонија
12. April 2025 - 15:19

Уапсени поранешни и сегашни функционери – истрагата за Кочани се проширува

За пожарот во Кочани уапсени се и поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кои се кадри на ДУИ. Уапсен е и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами кој е од коалицијата ВЛЕН, а уапсен е и министерот без резор Шабан Салиу, кој е и поранешен директор на ДЗС.

Истрагата се проширува на 23 нови лица, 18 се веќе обезбедени, четворица во текот на денот ќе бидат повикани на распит, а едно лице е во странство. Станува збор за поранешниот министер за економија, Дритон Кучи исто така кадар на ДУИ, кој во моментов е амбасадор во Норвешка.

Тој на социјалните мрежи напиша дека откако полицијата денеска го барала во неговиот дом за информативен разговор, ќе се врати во Скопје.

-Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата! – е делот од неговата објава на социјалните мрежи.

Уапсени се и сите министри за економија и директори на ДЗС од 2012 година од кога работела дискотеката Пулс, но не и актуелниот министер за економија, Бесар Дурмиши.

И од Обвинителството и од МВР потврдија дека се спроведува акција, но без конкретни детали.

По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани. Надлежните иституции ќе ја информираат јавноста координирано штом бидат завршени дејствијата кои се во тек, соопштија од Обвинителството.

Приведените ќе се носат на распит во Обвинителството во Кочани.

Досега осомничени за пожарот во дискотеката Пулс се вкупно 34 лица. Еден од осомничените, според документите управител на дискотеката им подлегна на повредите. Обвинителството синоќа побара да се продолжат ефективните и куќните притвори за сите, а за тројца-еден директор на ДПИ еден инспектор и еден член на обезбедувањето во дискотеката, ефективниот притвор да се замени со куќен.

Од судот во Кочани за Сител велат дека се уште немаат донесено одлука околу предлогот на Обвинителството.