Македонија
12. April 2025 - 16:37

На лекување во странство остануваат 48 повредени во пожарот во дискотеката во кочани

Четири недели од големата трагедија во Кочани на лекување во странски медицински центри остануваат 48 повредени во пожарот во дискотеката. Министертсвото за здравство информира дека денеска не се планирани исписи од тамошните болници.

-Состојбата на пациентите останува непромената, односно остануваат во критична состојба пациентите за кои и претходно информиравме, додека останатите пациенти се во стабилна состојба, соопштија од МЗ.

Во македонските болници на лекување се 10 пациенти. 4 - ца во стара градска, 3-ца на Клиниката за пластична хирургија, 1 во ГОБ 8 септември и двајца во Аџибадем Систина. Вчера според протоколите во здравствените установи во државата биле прегледани и 7 –мината повредени кои се вратија од исто толку странски центри каде беа испратени на лекување.

-Овие пациенти имаа комбинирани повреди, имаа изгореници на кожата и изгореници на дишните органи. Што се однесува до изгорениците на кожата дел од тие пациенти кои се враќаат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија кај дел лекувањето е целосно завршено, а кај некои од нив ќе има потреби од дополнителни не хируршки и хируршки процедури за тоа лекување да се донесе до крај, изјави науч.сор. д-р Маргарита Пенева, од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

На 16 март во клубот во Кочани беа повредени повеќе од 200 лица, а 61 починаа, меѓу кои двајцата пациенти кои им подлегнаа на повредите во Литванија.