Македонија
12. April 2025 - 16:36

Затворени четири угостителски објекти во Југоистокот поради недоследности во заштитата од пожари

Четири  големи  угостителски објекти во Југоистокот од кои три во Струмица и еден во Гевгелија се затворени бидејќи не ги исполнувале условите предвидени со законот за заштита и спасување. На истите им била изречена и глоба во висина од 5000 евра.

Објектите ќе бидат затворени се до моментот додека не ги отстранат недостатоците кои биле констатирани за време на надзорот направен  од страна на инспекторите за пожар. Главната причина за затварање на објектите е немањето на техничка документација односно елаборат за заштита од пожари и експлозии и планската документација.

Инспекциските надзори биле реализирани во изминатите петанесетина дена , а предмет на проверка  поголемите објекти во регионот како што се ноќни барови, кабареа и дискотеки. Дел од објектите, претежно со капацитет од 20 до 50 лица  добиле само опомени, но и рок за отстранување на недостатоците, во спротивно и тие ќе бидат казнети и затворени.

Инспекциските надзори како вонредни така и редовни ќе продолжат и понатаму, а освен угостителските објекти паралелно ќе се контролираат градинките и училиштата, домовите за стари лица, театрите, кино салите и домовите за култура, како и сите останати објекти каде што се одржуваат масовни собири.

До кога и колку ќе траат контролите засега не е познато бидејќи еден од главните проблеми со кои се соочуваат инспекторите е слабата екипираност. Целиот Југоисточен и дел од Источниот  регион почнувајќи од Беово и Пехчево па се до Гевгелија го покриваат само двајца инспектори.