Македонија
12. April 2025 - 16:37

Протест во Кочани

Семествата на загинатите од трагедијата во Кочани денеска организираа протест под мотото „задоцнета реакција“. На протестот семејствата на жртвите ја повикаа целата држава, да ја сподели нивната болка и заедно да побараат правда за 62 прерано одземени животи, а повеќе од 200 се повредени. Над 50 од нив се уште се во здравствените установи во земјава и странство.

Симболично, учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, со што го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

-Правда мора има. Тешко е, болката е голема.

-Градот е пуст, ќе треба време да помине оваа болка.

-Се е корумпирано, рибата од главата смрде., анкета кочанчани

Во тишина и молк колоната од неколку стотини граѓани помина во Трговскиот центар кратко задржувајќи се пред кафе барот чиј сопственик ја имаше и дискотеката, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.

Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.

Граѓаните на маршот истакнаа транспаренти со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“. Потоа се вратија на почетното место во Паркот и најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.