Македонија
11. April 2025 - 16:52

Решението за глувците во училиштето во Бутел е дератизација, вели министерката Јаневска

Во основното училиште Панајот Гиновски, каде шетаа глувци изминативе денови, денеска вработените тврдеа дека се што треба е преземено и дека наставата се одвива непречено. Иако имаше револтирани родители кои не сакаа да си ги пуштат децата на настава, од училиштето денеска ни кажаа дека станува збор за изолирани паралелки и ученици. 

За што е преземено околку проблемот со глувците директорката на училиштето денеска не сакаше да даде изјава, деталите ни беше кажано дека ќе бидат испратени на е-маил, кој до овој момент се уште го немаме добиено. 

Во училишниот двор на Панајот Гиноски денеска вратата беше заклучена, а вработените ја отклучуваа само доколку некој ученик го напушташе училиштето. Атмосферата беше мирна, за разлика од вчера кога учениците решија да протестираат пред училиштето поради лошата хигиена. 

Но дури учениците на собирот во училиштето бараа подобри хигиенски услови за учење, на видеото може да се забележи како вработена во училиштето во еден момент и физички напаѓа ученик. Случајот бил пријавен и во МВР.

- На 10.04.2025 во 23.10 часот во СВР Скопје Ќ.М.(34) од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот пред влез на општинско основно училиште на подрачјето на Чаир, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од едно вработено лице од училиштето. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, соопштија од министерството.

Според министерката за образование, решението за овој проблем е многу едноставен- дератизација. 

Родители изминативе денови се жалеа на лошите услови во училиштето- нечисти тоалети и училници, корпи полни со отпад, скршени врати и мијалници. Иако им било кажано од директорката дека училиштето било дезинфицирано и дератизирано, сепак сметаат дека тоа нема да го реши проблемот, ниту со глувците ниту со хигиената.