Бизнис
29. јуни 2020 - 16:42

30% пад на индустриското производство во мај

Пад од 27% на индустриското производство во мај, споредено со истиот месец лани. Според податоците што ги објави Државната статистика, падот во одредени сектори достигнува дури 60%. Таква е состојбата во кожната индустрија, како и производство и поправка на машини и опрема. Преполовено е и производството на текстил, капитални производи, мебел и трајни производи за широка потрошувачка.

ИНДУСТРИСКО ПРОИЗВОДСТВО ВО МАЈ 2020, СПОРЕДЕНО СО МАЈ 2019

ПРОИЗВОДСТВО НА КОЖА И ПРОИЗВОДИ ОД КОЖА  -59%

ПРОИЗВОДСТВО НА МЕБЕЛ   -52%

ТРАЈНИ ПРОИЗВОДИ ЗА ШИРОКА ПОТРОШУВАЧКА  -50%

КАПИТАЛНИ ПРОИЗВОДИ   -47%

ПРОИЗВОДСТВО НА ТЕКСТИЛ  -45%

Бизнисмените очекуваат негативни бројки и во наредните месеци.

“Се очекуваше овој пад во претходниот период. Секако, ќе имаме пад и во наредните два до три месеци, затоа што се летните одмори, изборите но, секако, тука е кризата со корона вирусот. Но, тоа е и во целата светска економија, не е само во Македонија. Во Македонија најголем проблем и најголем пад имаше во текстилната индустрија, во автомобилскиот сектор и во трговијата. Затоа таму се осети најголемиот пад, додека во останатите сектори имаше забележително помал пад”, вели Горан Антевски, заменик претседател на Здружението на метална и електроиндустрија при Стопанската комора на Македонија.

И покрај негативните бројки, стопанствениците велат дека поголемиот дел од македонските компании не ги отпуштиле вработените, иако има и фирми што мораа да го сторат тоа за да преживеат, а дел ги затворија своите бизниси.

Сепак, бизнисмените велат дека падот во индустријата ќе се одрази на растот на платите и инвестициите во наредниот период.

“Се надевам дека и во иднина ќе се почитуваат тие правила да се задржат вработените. Секако, нема да може да очекуваме толкав раст на платите или раст на инвестициите. Но, се надевам дека ќе се смени сето тоа при крај на годината и ќе можеме како компании малку повеќе да излеземе надвор на другите пазари. Јас мислам дека од септември-октомври веќе ќе се нормализираат работите затоа што дел од компаниите веќе почнуваат да работат на дистанца, се менуваат прописите и правилата на работа, така да се надевам дека сето тоа во септември-октомври ќе дојде до едно намалување на целиот тој притисок што се создава кај луѓето”, објаснува Антевски.

Статистиката покажува дека кризата не ја почувствува рударскиот сектор, а раст бележи производството на хемиски и фармацевстки производи.

ИНДУСТРИСКО ПРОИЗВОДСТВО ВО МАЈ 2020, СПОРЕДЕНО СО МАЈ 2019

ВАДЕЊЕ НА РУДИ НА МЕТАЛ    +3,1%

ВАДЕЊЕ НА ЈАГЛЕН И ЛИГНИТ   +4,9%

ПРОИЗВОДСТВО НА ХЕМИСКИ ПРОИЗВОДИ   +12,4%

ПРОИЗВОДСТВО НА ФАРМАЦЕВТСКИ ПРОИЗВОДИ   +27,4%