Поголема соработка и нови инвестиции се очекуваат од Дубаи, земјава ги претстави можностите
Економијата се стабилизира тврди Владата, статитистичките бројки покажуваат раст на бруто домашниот производ, извозот, туризмот, градежништвото, странските инвестиции. Премиерот Мицкоски пред првиот човек на Стопанската комора на Дубаи ги презентираше можностите за вложување кај нас. Акцент стави на автомобилската индустрија – каде земјава нуди низа поволности, во време кога Европа се соочува со предизвици.
- Би сакале да се претставиме како Влада којашто е ориентирана кон бизнисот, којашто сака да ги поддржува деловните и бизнис можностите. Да донесе што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги поддржи домашните директни инвеститори. Доколку го анализираме европскиот пазар тогаш може да заклучиме дека имаме неверојатно достигнување, затоа што европскиот пазар се соочува со огромни предизвици, особено кога станува збор за автомобилската индустрија. Сметам дека за сега ние нудиме добри решенија и сметам дека вашата идеја да се најде друг прозорец за можности особено на африканскиот пазар кога станува збор за резервни делови за автомобили е навистина добра идеја, изјави премиерот Мицкоски.
Трговската размена меѓу двете земји во моментов изнесува помалку од 500 милиони долари. Простор за зголемување – има во неколку сектори, вели Рашед Лута.
- Во секторите трговија, одржливост и дигитална економија. Тие се во централно значење и можеме да дојдеме до 12% раст до 2030 година, изјави Мохамед Али Рашед Лута, претседател и главен извршен директор на Стопанската Комора на Дубаи.
Од Владата, бизнисмените од Дубаи заминаа на работна средба со своите колеги од македонската комора. Покажале интерес за вложување во енергетиката, рударството, земјоделието, културата, туризмот, како и дигиталната трансформација, велат од Стопанската комора.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар