Бизнис
21. October 2025 - 16:33

Божиновска: Нема да останеме без гас, откако ЕУ забрани увоз на руски енергенси

Забраната за увоз на руски гас нема да предизвика енергетски колапс во земјава, тврди министерката за енергетика. Македонија троши мали количини од овој енергенс, но потребите ќе мора да се обезбедат до јануари 2027-та година, кога ни истекува долгорочниот договор. 

Божиновска се надева дека Европа нема да не остави без гас, откако Унијата забрани увоз руски енергенс од 1 јануари за земјите кои имаат краткорочни договори, а целосно ќе го запре вентилиот во 2028-та. Надежите се свртени кон грчки Александропулис, но интерконекторот се уште не е изграден, а државата веќе една година плаќа по 250 илјади евра месечно за да го користиме нивниот гасовод.

- Тоа треба да се види, сега засега плаќаме нешто што ниту сме можеле да го користиме, ниту годинава ќе го користиме. Има ангажирано правни служби кои работат на тоа. Според тоа што е потпишано не може да се раскине договорот. Можам да ги прашам колегите во ЕСМ, колку што знам не работеше, а ние ги плаќаме уредно фактурите, кривични пријави беа поднесени и немаме информација дека нешто е процесуирано. Се плаќаат 250.000 евра месечно, тоа е договор склучен на 15 години и мора да се плаќа, рече Божиновска.

За помала енергетска зависност, државата мора да инвестира и во обновливи извори на енергија и да ја забрза зелената транзиција. За сите овие теми ќе се дискутира на Меѓународниот форум за одржлив развој, кој ќе се одржи во Скопје следната недела.

На форумот ќе учествуваат 500 учесници од над 70 земји во светот. На крај ќе се потпише една заедничка декларација со Обединетите нации, каде ќе се дефинираат целите кои треба да се исполнат, за граѓаните да имаат почиста и поодржлива енергија.