Светска банка ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија на 3,1% годинава
Светска банка ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија. Годинава БДП ќе порасне за 3,1 отсто, а следните 2-3 %. Растот ќе го предводат јавните инвестиции и зголемениот извоз, а како ризици се детектирани надворешните фактори, управувањето со јавните инвестиции, забавувањето на активноста на клучните трговски партнери, но и постојаната емиграција.
Поголем раст од нас ќе имаат Албанија, Косово и Црна Гора, додека Србија и Босна се на дното на табелата. Во најновиот извештај за Западен Балкан - кон подобри работни места, од банката велат дека во регионот се случува парадокс на пазарот на трудот - има недостиг на работна сила, но и висока невработеност.
Значително е намалено работоспособното население и се предвидува во следните 5 години регионот да се соочи со недостиг на 190.000 работници. Со постојаната емиграција, главно кон земјите на Унијата, со очекува до 2050 та година работоспособното население да се намали за една петтина.
-Недостигот на работна сила коегзистира со постојано висока невработеност (над 10 проценти) и релативно ниско учество на работната сила (под 55 проценти), особено за жените, младите и постарите лица. Покрај тоа, населението во работоспособна возраст веќе значително се намали. Затоа препорачуваме да се подобри квалитетот на работните места и да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на фирмите и да ги искористи дигиталните и зелените можности преку надградба на вештините и флексибилни работни модели.
Во Извештајот, банката нотира дека Македонија и Босна се единствените економии кои ќе ги намалат фискалните дефицити во споредба со лани. За кај нас, Светска банка прогнозира минусот во државата каса да достигне 4% од БДП.
Високата инфлација, во услови на умерено зголемување на платите, ја нарушува купувната моќ на населението. Јазот во животниот стандард со земјите членки е преголем, така што ниту една земја нема да го стигне стандардот на Унијата во следните 40 години, односно пред 2070та година.
Во Извештајот се наведува дека инфлацијата во земјава ќе остане висока - 3,8 отсто до крајот на годната, пред се поради растот на платите. Сиромаштијата, мерена по индикаторот од 8,3 долари на ден, благо е намалена. Паѓа и невработенсота, но се зголеменува неформалното вработување.
Наплатата на приходи е под очекувањата, како и реализацијата на капитални расходи, која до јули изнесува 32%, пишува Светска банка.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар