Македонија
10. April 2025 - 16:56

Здравствени работници во земјата ќе се едуцираат како да им помогнат во долготрајната рехабилитација на повредените од Кочани

Двајца повредени од пожарот во Кочани ќе одат на рехабилитација во Црна Гора. За двајца, пак, има понуда од Франција да бидат прифатени во специјализиран центар за подолготрајна рехабилитација. А веќе четврта недела по трагедијата, една третина од повредените се уште се на лекување. 55 од нив се хоспитализирани надвор од државата а 10 во македонските болници и клиники. Тројца и понатаму се критични и како што информираат од Министерството за здравство, нема промена во нивната состојба. За повеќегодишниот процес на опоравување кај дел од нив, здравствени работници од Скопје, Кочани и Штип ќе бидат едуцирани од британски експерти. 

-Мора да имаме обучени здравствени работници, не само лекари туку и останат персонал, бидејќи станува збор за пациенти со трансплантирана кожа кога може да се јават инфекции и мора да знаеме да ги третираме. Исто така овие пациенти извесен период не смеат да излегуваат на сончеви зраци и за сето тоа треба обука, вели д-р Игор Николов, член на Кризен штаб во здравство. 

Еден од повредените кој беше на лекување во Бугарија денеска се враќа во земјата, кој според протоколите ќе биде задржан 24 часа на скопските клиники. 

-Сега сме во фаза кога се уште ни е приоритет да оие кои се на респиратор се извлечат да да поминеме со сите пациенти во фазата на рехабилитација, вели Николов.  

Во пожарот во Кочани животот го загубија 61 лице а околу 200 беа повредени. Најголем број од нив беа пратени на лекување надвор од државата.