Македонија
11. April 2025 - 16:53

Затворени 28 објекти без лиценца и минимум технички услови за работа

28 објекти кои работеле без лиценца или без да ги исполнат минималните технички услови добија клуч на врата. 12 угостители пак добиле шанса да ги отстранат нерегуларностите. 

При контролите кои стартуваа ден по несреќата во Кочани, па се до вчера инспекторите извршиле близу 300 надзори, напишале 360 казни од кои државата наплатила речиси 3 ипол милиони денари. По закон не работат дури и објекти кои имаат активна лиценца.

- Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови. Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денес веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци, вели Марија Митева, портпаролка на Влада

Сите извештаи ќе бидат доставени до Министерството за економија, кое треба да преземе соодветни законски мерки. Митева сепак без конкретен одговор дали покрај угостителите кои го заобиколиле законот, одговорност ќе има и за институциите кои тоа го дозволиле. 

Покрај дискотеките на затворен и отворен простор, ноќните барови и кабареата, под лупа на институциите периодов се и кафе барови, ресторани, гостилници, ресторани кои организираат прослави и хотели.

Владата уверува дека овие контроли немаат само краткорочен ефект, туку зајакнување на институционаланата одговорност како крајна цел.