Македонија
9. April 2025 - 20:20

Уште четворица повредени во пожарот во Кочани се враќаат во Македонија

Уште четворица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани кои беа испратени на лекување во странство денеска се враќаат во Македонија. Двајца беа згрижени во Хрватска, еден во Шведска, другиот во Италија. Министерството за здравство информираше дека во странските центри остануваат уште 60 пациенти, а во македонските болници на лекување се седуммина. Нивната состојба останува непроменета, а најтешко повредените и понатаму се критични.

Сериозна, но стабилна е состојбата и на четворицата пaциенти хоспитализирани во бугарската клиника “Пирогов”.

-Нивната состојба е сè уште сериозна, но стабилна и очекуваме постепено да се подобрува. Остануваат да се подложат на хируршки интервенции и активно движење, изјави проф. д-р Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија “Пирогов” во Софија.

Вчера четворица повредени во пожарот во Кочани кои исто така беа згрижени во Центарот за изгореници во Софија во подобрена состојба пуштени се на домашно лекување. Раководителката на установата вели дека закрепнувањето од ваков тип повреди е долг од година и половина до две, ако се додадат и реконструктивните операции овој процес може да трае од 5 -7 години по завршување на акутниот период, односно стабилизирање на состојбата на пациентите.