Македонија
8. April 2025 - 21:30

Угинаа две лами во скопската Зоолошка - Кај првата е утврдено дека имала туберколоза

Угинаа две лами во скопската Зоолошка. Едната на 26 март, другата на четврти април. Обдукцијата за првата угината лама покажала дека имала туберкулоза 5 години, а за втората се уште се чекаат резултати од обдукцијата и тестовите.

„Би сакале да Ве информираме дека изминатиот период заедно со Факултетот за ветеринарна медицина лекувавме и терапиравме лама која иако беше направено се од медицински аспект и грижа, за жал угина. Обдукцијата и резултатите (со PCR метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес кој е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту пак постои вакцина, а  често и со години заболените единки не покажуваат
никакви симптоми.  За втората лама која угина пред неколку дена  се уште чекаме официјални резултати од обдукцијата и токму поради тоа сакавме кога ќе ги добиеме и тие резултати и ќе имаме целосни информации да објавиме транспарентно за целиот процес“, велат од ЗОО Скопје за СИТЕЛ.

Од АХВ за Сител потврдуваат дека извршиле вонреден надзор во скопската Зоолошка. Направени се дополнителни тестови за туберкулоза и кај останатите три лами во оваа установа. 

„На одгледувалиштето за лами  во ЗОО градина Скопје, од страна на официјален ветеринар наредени се биосигурносни мерки со цел спречување на ширење на болеста и тестирање на останатите лами во одгледувалиштето“, вели првиот човек на АХВ за Сител.

Шансите за пренос на туберкулоза од ламите кај луѓето се мали, но не и невозможни, предупредуваат од Институтот за јавно здравје. Сите кои биле во близок контакт со овие животни, се препорачува еден месец да следат дали ќе имаат некакви симптоми.

Во меѓувреме, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, бара да се затвори зоолошката и да се поведе истрага. 

Ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка. Првата лама угина на 26.03.2025 година, втората на 04.04.2025 година, а во моментов во ЗОО Скопје има пет лами.