Уапсен директорот на Геријатрија – земал поткуп од 20 000 евра
Уапсен директорот на геријатриска болница за примање поткуп. Според неофицијалните информации, Муфсин Арифи барал и зел поткуп од 20 000 евра за да смести во болницата лице кое било болно и неподвижно. Во поткупот учествувало уште едно лице кое веројатно бил посредникот меѓу директорот и пациентот. МВР го потврди случајот но детали не откриваат.
„Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување за настанот“
Од Министерството за здравство, без да откриваат детали за случајот побараа брзо расчистување на случајот.
„Министерството за здравство се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи.“
Мусин Арифи беше назначен на позицијата в.д директор лани во јули од страна на министерот за здравство Арбен Таравари.
Од партијата на Таравари преку соопштение порачаа секој што се огрешил пред законите треба да одговара.
- Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме, се наведува во соопштението.
Арифи претходно беше директор и во психијатриската болница Бардовци. Откако стапи на функцијата тој веднаш ги поскапе цените во болницата. За 1800 денари поскапија цените за нега и исхрана на старите и болни лица.
Објектите во Ѓорче Петров и хосписот во Битола се единствените државни установи за оваа намена. Сместување таму со месеци чекаат повеќе од 100 лица, а листата постојано се зголемува, бидејќи има 24 часовна здравствена нега и грижа, а престојот во приватните домови за стари лица се движи од 700 до 1500 евра месечно.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар