Работниците немаат проблем со Владата, туку со другите синдикати, рече Трендафилов од ССМ
Минималецот и растот на другите плати во фокусот на разговорите меѓу премиерот и синдикатите. Првиот човек на ССМ по состанокот рече дека работниците немаат проблем со Владата, туку со другите синдикати.
„Сите 128 илјади вработени во јавниот сектор во наредниот период треба да добијат зголемување на нивните плати. Меѓутоа, тоа што е лошо е што другите два синдикати кои учествуваа на состанокот бараат да се укинат одредбите од општиот колективен договор во процесот на растот на платите на вработените во јавниот сектор“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
„Имаме една срамна одредба за покачување од само 0,7 проценти во јавниот сектор. Тоа беше во 2024 година септември. Знаете дека дента кога се потпишуваше тој општ колективен договор, баш поради тие причини ние протестиравме“ – Благоја Ралповски, претседател на КСС
Вработените во министерствата кои протестираа во јануари, наскоро ќе добијат додатоци од 30%. Премиерот денеска им рекол дека Владата е подготвена до почетокот на мај колективните договори да бидат потпишани.
„Тие 30% додатоци ќе ги добиеме на неколку рати, ако можам така да кажам, во рок од 4 години. Сите вработени во овие институции кои протестираа секој март да си добиваат усогласување на плата, дали ќе биде тоа со просечна или со минималната плата“ – Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ
За растот на минималната плата на синдикатите им било кажано дека државата сега не е во можност да ги субвенционира придонесите, но прашањето останува отворено и доколку е подобра економската состојба може да се преговара и за тоа прашање.
Надлежната комисија наскоро треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите, по што ќе биде свикан и економско-социјалниот совет.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар