Македонија
8. April 2025 - 16:45

Обвинителството нема да го гони судијата за поправањето оценки

За судијата Ељведин Ферати, кој ги прешкртувал оцените на Тетоскиот универзитет и си ги поправал, за да може да биде примен на Академијата за судии и јавни Обвинители, Обвинителството веќе ја затворило истрагата. Иако државниот просветен инспекторат за судијата Ферати не можел да најде никакви документи дека ги преполагал предметите за кои му биле поправени оценките, Обвинителството сепак ги добило барањата, решенијата и пријавите за повторно полагање на предметите.

„Како и доказ за добиени оценки за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година“, велат од Обвинителството.

Според доказите јавниот обвинител во март констатирал дека не може судијата Ферати кривично да се гони.  

Според министерот за правда, со овие случаи се докажува и зошто довербата во правосудниот систем во Македонија е само 2%.

Судијата Ферати вчера донесе пресуда за казна затвор од две години за возачот од Тетово што ја прегази 22 годишната Теодора Ристовска на пешачки премин. Предметот беше вратен на повторено судење, а првичната затворска казна за возачот Менсур Пајазити беше три ипол години. Одлуката беше шок за семејството на починатата Теодора, но и за целата јавност, институции, функционери. 

Од Обвинителството велат дека се уште не е примено писменото образложение за донесената пресуда, но имајќи ја предвид висината на казната, надлежниот јавен обвинител смета дека има основ за жалба.

Од Судскиот совет за Сител велат дека во текот на денешниот ден ги прибираат списите од предметот во кој донесе пресуда судијата Ферати, да утврдат дали има пропусти. 

Ферати е судија во Основниот суд Тетово од 2020 година, претходно работел како стручен соработник во судот.