Македонија
10. April 2025 - 16:53

Нова криза со недостиг на терапија на Онкологија – тендерските процедури биле во тек

Онколошки пациенти повторно останаа без лекови. Речиси месец дена нема биолошка терапија за рак на дојка, а деновиве снемало и за меланом и карцином на бели дробови, реагираат од здружението Хема – Онко. Според нивните информации тендерските процедури за годишната набавка и административните кочења се причина што тешко болните се оставени без терапијата која им е неопходна.

- Тендерот беше многу касно објавен незнам од кои причини е тоа. Ние од почетокот на февруари знаеме дека нема да има доволно терапија. Само се надевам дека откако е започната целата процедура дека ова нема да се оддолжи до после празниците и дека ќе успеат да го завршат до празниците и да не биде после 1 мај, што значи дека пациентите повеќе од месец и половина ќе бидат оставени без терапија, изјави Ана Мајрановиќ, од здружението ХЕМА – ОНКО.

Од Клиниката информираат дека процедурата за годишната набавка на терапија е во тек и кон крајот на наредната недела или веднаш после 

Велигден ќе се потпишеле договорите со добавувачите за да почнат да ги носат лековите кои недостигаат.

- Постапката е завршена од страна на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија и моментално е на управна контрола во БЈН. По завршуање на административните процедури ќе може да се потпишуваат договорите со добавувачите на лекови, информираат од установата.

Не само за недостиг на биолошки лекови, онколошките пациенти реагираат дека не е исполнето ниту ветувањето во аптека да можат да си ја земаат хормонската терапија за рак на дојка со што малку би се растеретела Клиниката која и понатаму кубури со кадар.

- Буџетот се зголеми, огромна благодарност што имаме поголем бузет за онколошките пациенти, меѓутоа сега за сега не осеќаме ништо плус од тоа што ни го зголемија буџетот. Нови вработувања на Клиниката нема иако постојано апелираме дека таму има потреба од дополнителен персонал сеуште не се вработуваат ниту ангажираните со договор на дело, незнам зошто се чека толку долго, вели Марјановиќ, од ХЕМА – ОНКО.

Од здружението кое ги застапува онколошките пациенти велат дека се уште само во најава е и отворањето на одделот во ГОБ “8 септември.