Македонија
8. April 2025 - 16:32

„Македонско село“ ќе се отвори во јуни, концесионерот ќе плаќа месечна кирија од 3 и пол илјади евра

Комплексот „Македонско село“ во јуни повторно ќе ги отвори вратите за посетители. Директорот на Службата за општи и заеднички работи денеска ја потпиша одлуката за избор на концесионер. 

„На последниот оглас имаше пријавено две компании од кои едната компанија имаше комплетно за целиот објект, другата компанија само за еден дел. Цената која е постигната е околу 210 илјади денари месечна закупнина. Објектот би требало да започне со функционирање некаде почетокот на јуни месец, а закупецот, односно концесионерот ќе треба да отпочне со плаќање на закупнина од септември. Даваме некој одреден грејс период на луѓето за да можат да го реновираат, реставрираат, бидејќи по огласот се она што ќе го инвестираат останува во сопственост на државата. Концесионерот е фирмата Ла Тераца, се занимава со туризам и угостителство и концесијата ќе биде потпишана на 15 години“ – Ивица Томовски, директор на СОЗР

Откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, комплексот речиси седум години е затворен. Во меѓувреме, СОЗР редовно плаќа за осигурување и обезбедување, а со тоа што не работи загубени се над 350 илјади евра. 

„Македонско село“ се протега на површина од 15 илјади квадратни метри. Има 12 двокатни куќи и секоја од нив претставува различен регион од Македонија. Има и ресторани и хотелски соби со капацитет до 150 легла. Комплексот беше официјално отворен во 2016 година и за него беа инвестирани над 6 и пол милиони евра.