ЈКП – ЈА бараат да плаќаат за струја по тарифи како и за физичките лица
ЈКП-ја во државата се во многу лоша финансиска кондиција. Некои од нив работат на или под прагот на рентабилност. За излез од актуелната состојба, УО на АДКОМ на последната седница донесе одлука за решавање на 2 приоритетни прашања. Еден од најгорливите проблеми, за кои неколку месеци наназад ЈКП-ја алармираат, но не се преземени никакви мерки, се високите сметки за потрошена електрична енергија, поради што не можат нормално да функционираат.
- Сите комунални претпријатија кои се занимаваат со водоснабдување да плаќаат за електрична енергија како и граѓаните, односно, физичките лица, по истата тарифа која ја определува Регулаторната комисија за енергетика, затоа што ние произведуваме вода, која е основен продукт за живот. Со воведување на таа тарифа ќе се избегнат и постапките за јавни набавки, изјави Игор Спасовски, директор на ЈКП „Солидарност“- Виница и член на УО на АДКОМ
Според актуелното законско решение, цената на водните услуги ја носи Регулаторот, која треба да биде усвоена од Советите на општините. Меѓутоа, доколку од социо-економски или политички причини понудената цена не е прифатена, повторно се враќа на одлучување со законски рок од 150 денови, период во кој претпријатијата наплаќаат по старите цени, со што акумулираат загуби.
- Ќе побараме измени на Законот за јавни претпријатија, каде што стои дека, конечната цена ја определуваат Советите на општините. Тој дел да се исфрли и да стои дека, конечната цена на водата ја определува Регулаторна комисија за енергетика и откако ќе поминат законските рокови за жалби, да биде конечна и да се примени во нашите комунални претпријатија, додаде Спасовски
Со примена на двете предложени мерки, освен претпријатијата, краен бенефит ќе имаат и граѓаните, зашто доколку се намалат влезните параметри, ќе се намалат и трошоците, што ќе значи поквалитетни и поефикасни комунални услуги.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар