Loading Video...
Македонија
10. April 2025 - 17:04

Градејќи нова зграда во Ѓорче Петров, урнале ѕид на соседната

Додека градат нова зграда, пробиле ѕид на соседната. Хаварија при градежни активности ги вознемири жителите на станбениот блок на ул. Партизански одреди во Ѓорче Петров. Дупка од неколку метри е пробиена меѓу вториот и трет кат од зграда. За среќа, инцидентот не предизвикал штета во некој од становите кои се во непосредна близина на дупката. Се работи за изградба на нова висококатница, која се гради  лепенка до овој станбен објект. 

Мајсторите ѕидале на  новиот објект а бетонот кој го истурале се слевал по скалите во соседната зграда. Според сведоштвата на станарите кои ја забележале хаваријата, мајсторите не приметиле дека има дупка. 

Случајот е пријавен кај надлежните,на увид излегла само полицијата. Од Општина Ѓорче Петров не информираа дека утре ќе биде испратена инспекцијата.

Најавија дека општината нема да дозволи несовесно градење и постапки кои го загрозуваат живеењето и безбедноста на граѓаните. 

По добивање на пријавата нашите надлежни инспектори се во контакт со управителот на зградата и утврдено е дека изведувачот и инвеститорот направиле реална штета. За истата, тие ќе бидат веднаш, без никакво одлагање, задолжени да ја санираат. Дополнително согласно законските прописи против нив ќе биде изречена соодветна казна. 

Дупката е затворена но каблите се уште зјаат од електричната и кабелска мрежа. И покрај овој инцидент, градежните работи на новиот обејкт не беа запрени. Мајсторите го исчистија бетонот а другите продолжија со работа на карабината. Инженерот кој го сретнавме не сакаше да зборува пред камера. Кусо ни одговори дека проблемот е решен. Според информациите кои ги добивме се работи за висококатница која ја градат неколку здружени инвеститори.