Арсовска не сака да назначи нов директор на Комунална хигиена, претпријатието пред колапс
Комунална хигиена остана без директор. Откако Рустеми си поднесе оставка од морални причини по распитот во Кривичниот суд, нејасно е кој ќе го води претпријатието сега затоа што Арсовска не сака да назначи нов директор. Скопската градоначалничка испрати соопштение во кое вели дека треба да го прашаме Мицкоски за тоа како ќе функционира Комунална хигиена бидејќи тој го направил овој хаос.
„Го повикуваме премиерот Мицкоски, кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО, која воедно е и осуден криминалец за две кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на ‘Комунална хигиена‘ Скопје согласно член 24а, став 2 од Законот за јавни претпријатија да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието. Мицкоски го тероризира градот со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата да сее страв и да врши репресија пред избори“, пишува таа.
Членот од законот на кој се повикува Арсовска е општ и вели: „до изборот на нов директор, управниот одбор, односно градоначалникот на градот Скопје во рок од пет дена именува вршител на должноста директор“. Но, статутот на Комунална хигиена прецизира – „во случај на престанок на мандатот на директорот, по било кој основ, до именување на нов директор, градоначалникот именува вршител на должност директор“.
Ова значи дека само Арсовска може да назначи нов директор.
Од Управниот одбор велат дека немаат добиено ниту известување од Градот дека Рустеми ја доставил оставката до Арсовска.
Од Владата за Сител велат дека евентуална негрижа, намерна опструкција или неисполнување на обврските повлекува соодветна институционална и правна одговорност.
„Владата внимателно ги следи состојбите и нема да дозволи самоволие, некомпетентност или едноумие да го попречи функционирањето на јавните служби, ниту пак да се загрози јавниот интерес и безбедноста на граѓаните на Скопје. Во случај на институционален застој, Владата има законски механизми да постапи согласно своите надлежности, со единствена цел да се обезбеди нормално, законито и ефикасно функционирање на претпријатието и да се спречи било каков ризик по здравјето на граѓаните“, ни рекоа од Владата.
Извори за Сител од Комунална велат дека и тие камиони што им се останати нема да може да возат и да собираат ѓубре, оти нафта имаат само уште за денеска, и ако нема нов директор ќе нема кој да спроведе нова набавка. Ќе нема кој да потпише ниту вработените да земат плата за овој месец. А според информациите од СУТКОЗ, плата за септември се уште нема ниту во Паркови и зеленило, ниту во Дрисла.
Инаку директорот на Комунална заедно со управител во истото претпријатие вчера добија по 30 дена притвор. Според обвинителството, двајцата не ја извршувале својата основна работа – редовно собирање и транспортирање на ѓубрето во Скопје со што може да се предизвика ширење на зарази. Им се заканува казна од една до десет години затвор.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
