Аларматни бројки: 40% од младите во Македонија пушат цигари - како да се сменат состојбите?
40 проценти од децата до 18 години во Македонија пушат цигари. Најмладиот меѓу нив има само 13 години. Да се заостри контролата во продажните објекти кои продаваат цигари, но и да се зголеми нивната цена - за да се намали загрижувачката бројка на млади кои пушат или вејпаат.
Вакви се предлозите на Аналитика тинк-тенк претставени на денешната работилница посветена на креирање на решенија за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје.
„На младите во Македонија, анализите покажуваат дека не им се забранува продажба при продавање. Значи треба да им се почитува законската регулатива. Ако сакаме да ја гледаме и фискалната страна, добро е и да се зголемат цените на овие нови производи коишто ги користат најмногу младите“, вели Тамара Мијовиќ Спасова, Аналитика тинк тенк.
Македонија е нација која има мерак да пуши цигари. Со преваленца на пушење од 48,4 проценти, државата го надминува просекот на ЕУ од 18,4 проценти во потрошувачката на тутун. Според Глобалното истражување за тутун кај млади спроведено во 2016-та година, 80 проценти од пушачите во Македонија почнале да пушат пред да наполнат 25 години.
Министерката за образование и наука вели дека е од суштинско значење да се работи со децата уште од рана возраст, за да бидат свесни за штетноста од тутунот, алкохолот и дрогата.
За децата чии родители пушат цигари постои дури 79% веројатност дека во животот ќе посегнат по цигара.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар