Македонија
2. October 2025 - 16:32

Екс директорот на затворот во Шутка, Филип Андов, негира вина

Поранешниот директор на затворот во Шутка, Филип Андов, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба, на стартот на судењето, негираше вина. Обвинителството го товари дека иако немал законско право, неколкумина затвореници, со негов потпис добивале дозвола да одат во своите домови придружувани од затворски полицајци.

Спровод на затвореници, според обвинителството, бил дозволен само до суд, болница или друга државна институција.

„Во воведниот говор, обвинителството го кажа своето, дека, тие требале да бидат доставени до одредени институции, односно, наредбите требале да гласат само за спровод до наделжни институции каде истите би можеле да бидат однесени. Не може во домашни услови да се носат затвореници“ изјави Валентина Бислимовска, јавен обвинител.

Обвинетиот Андов пак вели дека работел законски. Смета дека обвинителството ги измешало процедурите за спровод на затвореници.

„Обвинителство мисли за притворски спроводи. Единствен затвор Скопје е самоодлучен за затворениците како извршен орган каде што до него доаѓаат потреби за каде да се носат затвореници и каде да се прават тие спроводи. Тоа не е погодност, тоа е молба што се извршени овие спроводи и тоа е мое дискреционо право“, изјави Филип Андов.

Освен Андов, на обвинителна клупа седат уште шестмина затворски полицајци. Одговараат дека на петмина затвореници им овозможиле незаконски спровод до нивните домови.