Досега 23 сомнителни случаи за кардиохируршки интервенции
Расте бројот на сомнителни случаи за кардиолошки и кардиохируршки интервенции кои треба да ги испитува Интерната Комисија во Министерството за здравство. Од Фондот за здравствено осигурување ни потврдија дека доставиле 10 нови претставки или вкупно 15 кои досега стигнале на нивна адреса од поединци и здравствени установи.
Експертите ја завршиле анализата на 8-те медицински истории доставени од државните Кардиологија и Кардиохирургија, но засега нема да кажуваат во јавност што откриле додека не бидат испитани сите што стигнуваат до Комисијата. Се уште во истрагата не се вклучени тројцата странски доктори.
-И после ќе имаме заеднички состанок на локалната експертска комисија со меѓународниот експертски тим и тогаш се надеваме дека ќе имаме чист случај како понатаму, кои политики да ги имплементираме и дали можеби, веќе се размислува дали треба да се менуваат закони за да имаме појасно дефинирани протоколи за ваков тип на услуги, изјави Азир Алиу.
Паралелно со работата на Интерната комисија, надзор ќе прави и Лекарската Комора и тоа на 165 медицински досиеја од 11 здравствени установи што им ги се доставени од Министерството за здравство.
-Министерството за здравство побара надзорот да опфати период од три години, и да се изведе по принцип на случаен избор на медицински истории за пет пациенти за секоја година за сите установи, што вкупно значи 165 надзори. Комисијата за стручен надзор на ЛК, побара изборот на случаите да се направи преку електронскиот систем „Мој термин“, како најбрз начин за селекција, со цел побрзо да почне надзорот. Додека се чека одговор од Министерството за здравство се започна и со постапка за селекција во директна комуникација со болниците, велат од ЛКМ.
Но надзорот како што велат од Лекарска Комора ќе потрае бидејќи се работи за обемна документација.
Стручните комисии и странски доктори за кардиолошки и кардиохируршки интервенции следуваат по изјавата на интервентниот кардиолог Сашко Кедев дадена пред еден и пол месец дека во приватни установи прават операвии без потреба.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар