Акција: 43 лица осомничени за измами со брзи кредити
Фалсификувале лични карти и со нив подигнувале брзи кредити на туѓо име. 43 лица ќе одговараат кривично во големата истрага на полицијата и обвинителството.
„ Дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.“
Меѓу осомничените е и вработен во Фондот за здравствено осигурување. Неговата задача била да краде лични податоци од осигурениците со кои потоа тие без нивно знаење биле фиктивно вработувани за да станат кредитоспособни по што на нивно име со фалсификувани документи се подигнувале брзи кредити.
“Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.“ – се вели во соопштението на Обвинителството.
Оттаму велат дека за четворица осомничени меѓу кои и вработениот во Фондот ќе бидат поднесени кривични пријави за фалсификување, злоупотреба на лични податоци и измама. За тројца е побаран притвор а четвртиот е веќе во Шутка за друго дело. Останатите 39 осомничени ќе одговараат за помагање.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар