30-дневен притвор за директорот на Геријатрија
Директорот на геријатриската болница Мухсин Арифи и неговиот соработник кои се осомничени за земање поткуп, завршија во 30 дневен притвор. За да сместат пациент побарале мито од 100 илјади евра, а парите да се обезбедат од продажба на неговиот стан.
Откако предлогот бил одбиен, жената која се грижела за него прифатила да исплати 20 илјади евра, директорот се согласил, а, остатокот побарал да го добие по продажба на други недвижности. Жената, парите ги дала на соработникот на Арифи, но претходно случајот го пријавила во полиција.
„На 8 април 2025 година, жената-сведок се сретнала со второсомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот, директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници“, велат од Јавното обвинителство.
Обвинителката која го истражува случајот смета дека досега обезбедените докази го потврдувале кривичното дело поткуп за кое осомничен е директорот на геријатриската болница.
Адвокатот на Арифи пак негира дека неговиот клиент зел поткуп. Тој бил на работното место и кај него полицијата не пронашла пари.
Арифи и неговиот соработник се под истрага за примање на поткуп, кривично дело кое се казнува со затвор од најмалку пет години.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар