Бизнис
17. September 2025 - 11:15

Зошто се скапи земјоделските производи? Кој заработува на грбот на земјоделецот?

Високи цени на пазарите и  маркетитие, мал ќар за земјоделците. Статистиката објави дека влезните трошоци за земјоделско производство се зголемиле за 2,3 отсто во август во споредба со истиот месец лани. Но, крајната цена е повисока за над 12%. За една година најмногу поскапел компирот – скоро 80%, овошјето и грозјето – над 30. Од Националната земјодолска мрежа прстот го вперија во трговците, за кои велат дека ставаат енормни маржи. 

Килограм произведена ајварка е 20, 25 најмногу до 30 денари, а вие сведоци сте дека на пазарите е 70-80 денари килограм. По овие цени ние сме на граница на ликвидност за жал. Додека трговците одат со зголемени маржи од 100 па и до 200%, изјави Горѓи Каракашев, Национална земјоделска мрежа

Од некогаш земјоделска земја, станавме увозно зависна. Само 20 отсто од потребите се задоволуваат со домашно производство, додека остатокот е од увоз. За пониски цени бараат владата да интервенира со намалување на давачките при увоз на репроматеријали, односно семиња, губрива, пестициди и слично, но и да го смени сегашниот закон.

Законот го штити крупниот капитал, а не нас. За да се зголеми домашното производство и да се намалат цените , потребен е гарантиран откуп и загарантирани цени, додава Каракашев. 

Малата заработувачка за земјоделците, според Каракашев е дополнителна причина што младите веќе не сакаат да се занимаат со оваа гранка. Згора на тоа  во руралните средини нема ни основна инфаструктура, ни пристапни патишта,  ни вода и канализација. Затоа бараат сериозен приод од надлежните и значителни инвестиции за да се задржи и она малку производство што останало.