„Патување“ - групна изложба на уметници од Македонија и Јужна Кореја во Мала станица
Изложба со дела од 39 современи уметници од Македонија и Јужна Кореја насловена „Патување“, вечер во 20:30 часот ќе биде отворена во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица во Скопје. На иста локација вечер ќе биде отворена и самостојна изложба на јужнокорејската уметница Санјонг Ли.
На изложбата „Патување“ ќе бидат поставени дела во најразлични медиуми, инсталации, аудио‒инсталации, објекти, реди‒мејд објекти, фотографии, слики и цртежи. Изложените дела се од голем, среден и мал формат.
Од Македонија изложуваат голем број реномирани автори, како и млади талентирани уметници, а од Јужна Кореја се претставуваат уметниците од групата Егзит.
Групата Егзит е формирана во градот Ченгчу во 2010 година и е отворена за соработки. Во неа покрај основачите, секоја година кон изложбите се приклучуваат нови членови, а исто така покануваат и гости од странство. Изложуваат по два пати годишно, еднаш во Кореја, еднаш во странство. Во својот прв каталог ја цитираат мислата на Фрида Кало „Се надевам дека Излезот носи задоволство, и се надевам дека никогаш нема да се вратам", што го појаснува значењето и поводот за избор на нивното име.
Организатор и куратор на изложбата „Патување“ е Маја Кировска, уметник од Македонија, која соработката со групата Егзит ја почна во 2014 година на еден настан, во МЦ Галеријата во Њујорк, каде со концерт во иста вечер беа отворени три изложби, две на македонски автори, а една на автори од групата Егзит од Јужна Кореја. Потоа набрзо почнаа подготовките за гостување на групата Егзит во Македонија на заедничка изложба со македонски автори.
- Преку делата на оваа изложба, авторите ги прикажаа своите погледи на темата ’Патување’ разгледувана во најширока смисла на зборот, патување како движење од точка А во точка Б, земени како позиции во просторот и времето или преминување од една во друга состојба. Тие ги разгледаа условите со кои се соочува субјектот или објектот кој патува, влијанијата и промените кои ги претрпува, како и крајните позиции или резултати од ваквото патување, вели Кировска.
Изборот на темата, според неа, бил поттикнат од актуелните случувања и состојби во светот, од општите човекови состојби и принципи, непроменети стотици и илјадници години, како и од универзалните принципи на природата кои никогаш не се менуваат.
- Патувањата ги прошируваат нашите видици... Комуникацијата носи нови идеи, а секој контакт со нова средина или нови луѓе носи влијанија кои најчсто резултираат со поинакви креативни решенија. Различно од реалниот живот, уметноста може да ни дозволи да креираме поинаква визија за светот, онаков каков сакаме да биде, онаков каков што предвидуваме дека ќе биде, онаков каков што стравуваме дека ќе биде… да не однесе на патување во иднината, во друга временска или просторна димензија, светот на соништата, во паралелна реалност, или во реалноста на уметничкото дело за која зборува Малевич, вели кураторката на изложбата Маја Кировска.
Изложбата „Патување“ ќе биде отворена до 20 август.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Весна Јаневска, министерка за образование и наука
-
Слаб интерес за селекција на отпадот во Струмица
-
Гласен текстилец - и годинава ќе има злоупотреби при исплатата на К-15
-
Скопјани добија вода, дефектот е саниран
-
Чадот од отпад го гуши Злокуќани цела деценија: Жителите бараат итна помош од институциите
-
Меџити вчера објави дека Груби е во Албанија, денеска вели политичарите да се воздржат од коментари
-
Директорот на Детска не го добил извештајот од ДСЗИ – тврди дека починатото бебе било прегледано и од специјалист
-
Повлечен законот за средно