На Клинички побрзо се заршува кај лекар отколку да се најде слободен паркинг
- Саат и пол два вртиме кругови, нема место кај да се паркираме.
Нема спас за секојдневните главоболки и нервози на скопските клиники. Дали да се грижат што ќе им кажат лекарите или граѓаните да трошат време во барање на место за паркирање.
Откако пред два месеци Министерството за здравство го поништи тендерот и не потпиша договор со Ѓока констракшн од Албанија која планираше да ја зголеми цената за паркирање, овој период надлежните немаат преземено никакви чекори за подобрување на долгогодишниот хаос со паркингот на Клинички.
Седат со часови во автомобилите чекајќи да се ослободи место. Други паркирале на тротоари, трети се откажуваат од вртење кругови и паркинг бараат надвор од кругот на Клинички. Револтирани се што нема решение, но велат, на лекар мора да се оди.
- Не ни се иде ич, ама што да правиме мора да дојдеме. Ние сме од Кичево, тргнавме уште во 6 со очекување дека ќе најдеме добар паркинг, ама нема шанси.
- Од седум сум овде, и еве сега дури еден излезе и јас се паркирав.
- Овде побрзо ќе завршиш кај лекар отколку да најдеш паркинг. Ама парите знаат да ги земат, велат граѓани.
Таравари кога го поништи тендерот најави засилено темпо на работа за решавање на проблемот со паркингот. Меѓутоа се остана на зборови а во пракса истиот хаос. Иако побаравме, не добивме став од Министерството за здравство.
Ги контактиравме во Градски паркинг Скопје за кои министерот посочи дека ќе разговараат за можноста да продолжат со стопанисување и изградба на монтажна гаража. Меѓутоа оттаму ни одговорија дека досега не добиле официјална покана за средба. Иако нивниот договор е истечен уште во 2022, се уште управуваат со паркингот.
Кога ќе има долгорочно решение, никој не знае.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар