Зградите на ФИНКИ и ФФК кои 6 години пропаѓаат ќе се доградат по стручна анализа од работна група
Зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура ќе се доградат откако ќе биде направена стручна анализа од работна група. Тимот составен од експерти од неколку факултети и институции детално ќе провери во каква состојба се објектите и како најдобро да се завршат. Проектите ќе се ревидираат бидејќи постоечките се застарени.
За да се заврши работата бесплатно, Министерството за образование потпиша меморандум со УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи.
„Тоа нема да не чини денар бидејќи деканот на градежниот факултет заедно со УКИМ одлучија тоа да го направат како добробит за студентите и за целото општество. Инаку кога тоа би одело на јавен повик, а е огромен проект, веројатно би чинело бескрајно многу средства“ – Весна Јаневска, министерка за образование.
Тендерот за изградба се очекува да биде објавен на крајот на годинава или почетокот на следната. Сè уште не се знае дали ќе се градат двете згради одеднаш или една по една. Тоа ќе зависи од парите што се на располагање во буџетот.
„Најлоша варијанта од се е овие објекти да останат во состојба во која што се, за коишто се потрошени сериозни средства, а со тек на време пропаѓаат“ – Горан Марковски, декан на Градежниот факултет.
Објектите почнаа да се градат во 2015- та, но по четири години градежните активности запреа и оттогаш карабините се оставени да се распаѓаат. При посилен ветер летаат даски и градежни материјали кои се опасни за минувачите.
Лани студентите на ФИНКИ излегоа и на протест зашто немаат свои простории.
„ФИНКИ е еден од најголемите факултети на нашиот универзитет и воопшто во државата, со над пет илјади студенти кои во моментот се распределени на техничкиот кампус на УКИМ, а студентите од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се сместени во супстандардни услови“ - Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ.
„Стоиме на располагање со нашата логистика, човечки потенцијал и кадар да излеземе максимално во пресрет за студентите конечно да добијат соодветни услови за студирање“ - Ивица Томовски, директор на СОЗР.
Според сегашните договори, зградата на ФИНКИ требало да чини речиси 13 милиони евра, но досега завршени и платени се само 14% од работите или безмалку 2 милиони евра. Зградата на ФФК, пак, планирано било да чини околу 7 милиони евра, ама реализирани се само 16% и платени се нешто над 1 милион евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар