Македонија
6. May 2025 - 16:39

ДУИ: Сиљановска го поткопува мултиетничкиот карактер на државата

ДУИ остро реагира на ставот на претседателката Сиљановска-Давкова дека нема потреба од предвремени парламентарни избори ако Таравари го напушти парламентарното мнозиство. Таквата изјава според Демократската унија за интеграција значела поткопување на мултиетничкиот карактер на државата.

„Силјановска многу лесно ја напушти клучната улога која Претседателот на државата треба да ја има – да биде фер арбитар на различните политички позиции со цел да ги обединува сите граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка или било каква друга припадност. Наместо обединувач, таа избра да биде дел од партиската поларизација“, велат од ДУИ.

Барање за предвремени парламентарни избори има и од коалиционите партнери на Европскиот фронт предводен од ДУИ. Според турската партија, постоело незадоволство кај албанските граѓани, па на избори бара да се изјаснат кој ќе ги претставува во владата.

„Имаат скоро 80 пратеници, но тие воспоставиле коалиција помеѓу мајсторот и чиракот. Така се чини зашто тие знаат, еве самиот Таравари призна дека 70 отсто од гласачите немаат доверба  во нив, дека не се ценети во нивните редови и со ова Македонија ќе оди во поголема политичка криза и ние повикуваме на предвремени избори па да видиме кој фронт ќе биде кој што го очекуваат нашите граѓани и гласачи“, изјави Сали Мурати, Европски фронт. 

Од владејчаката ВМРО-ДПМНЕ велат дека и при евентуално излегување од власта на пратениците на Таравари, парламентарното мнозинство е стабилно, иако, како што велат, не очекуваат сите петмина да седнат во опозициските клупи.

„Ако сакаат да продолжат со реформската агенда на владата, просторот и вредностите се тие кои се и треба да се знае на која страна ќе се застане. Доколку сакаат да се вклучат на оние ретроградни сили кои 20 години ја криминализираа државата, тогаш нема простор во владата  за таквите политичари кои сметаат дека можат од една страна да прават рефомри но од друга страна да се вклучуваат заедно со оние кои ја донесоа државата на ова дереџе“, изјави Бојан Стојановски, Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. 

Сиљановска-Давкова, вчера изјави дека непотребни се предвремени парламентарни избори бидејќи има стабилно парламентарно мнозинство и функционални институции.