Орце Ѓорѓиевски нов градоначалник на Скопје

Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на Скопје откако победи на Локалните избори 2025 како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“. На функцијата прв човек на главниот град, која ќе ја преземе со добивање на уверението од ДИК, стапува по четиригодишниот градоначалнички мандат во скопската општина Кисела Вода (од 17 октомври 2021) и со искуство како претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Ѓорѓиевски е роден на 5 август 1987 година во Скопје. Дипломирал на отсекот политички студии на Правниот факултет „Јустинијан I” на Скопскиот универзитет и има магистратура во областа на менаџмент на човечки ресурски. Работел во приватен сектор, а пред да стане градоначалник на Кисела Вода, Ѓорѓиевски од 2017-2021 година беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на таа општина.
Според податоците на Државната изборна комисија за вчерашниот втор круг избори во Скопје, Орце Ѓорѓиевски освоил 95 572 гласови или 57,03 отсто, а неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ, добил поддршка од 61 475 гласачи или 36,69 проценти.
- Време е Скопје повторно да го вратиме на скопјани и да изградиме град со кој ќе се гордееме сите ние и генерациите после нас, изјави Ѓорѓиевски на почетокот на јули годинава на прес-конференција на која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја соопшти одлуката на партискиот Извршен комитет тој да биде нивни кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори.
На кампањата за изборите Ѓорѓиевски се претстави под слоганот „Прво човек, потоа градоначалник“ и на првата прес-конференција од нејзиниот почеток, на 29 септември, ја презентираше програмата „Визија за Скопје 2025-2045“ зад која, рече, стои неговиот тим од стручни соработници.
Програмата се заснова на седум главни столбови, како што рече „темелите на иднината на нашиот град“ со кои „почнува урбаната ера која Скопје ќе го преобрази во европска метропола“: 1. Одржлив урбан развој во следните 20 години; 2. Здрава животна средина, 3.Целосна комунална обнова на градот; 4. Враќање на културниот идентитет на Скопје; 5. Дигитална трансформација и паметни решенија; 6. Скопје – град на младите и науката и 7. Јакнење на јавната грижа и безбедноста. Како што рече, од седумте столбови ќе произлезат стотици проекти, „речиси по еден за секој ден од годината“.
Нагласи дека приоритет му е хуманизација на главниот град затоа што, рече, во овој момент не може да зборува за Лунапарк кога Скопје е во хаос и нехумани услови и неговите граѓани се гушат во депонии што ги има во секое маало. И затоа, како што рече тогаш, прва работа што ќе ја направи кога ќе стане градоначалник, ќе биде негово чистење и „за 72 часа во голема кооридинирана акција со сите општини главниот град ќе биде исчистен од ѓубре“.
МИА
Ново на Сител
-

Аналитичарите очекуваат кадровски промени кај поразените партии но не и лидерски смени
-

Тема на денот: Анализа на изборните резултати
-

Доминација на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори: 55 градоначалници со се и тој на Скопје
-

Оставки во СДСМ по локалните избори – Филипче не се повлекува
-

Вреди го победи ДУИ по бројот на градоначалници
-

Какви јавни претпријатија наследи Орце Ѓорѓиевски?
-

Мисијата ОБСЕ/ОДИХР со оценка за локалните избори
-

Антикорупциска ги отфрли пријавите за прекрушувања на изборните правила
