Какви јавни претпријатија наследи Орце Ѓорѓиевски?
Реорганизација на сите јавни претпријатија и ревизија на работењето на Арсовска и директорите, најави новоизбраниот градоначалник на Скопје. Ѓорѓиевски рече дека во следните денови ќе назначи нови кадри кои ќе ги водат претпријатијата и вети дека тоа ќе бидат одговорни и подготвени луѓе кои ќе се вложат максимално.
„Ќе започнеме најпрво со чистење на градот затоа што е тоа најнеопходно. Реорганизација на јавните претпријатија ќе следи, таму има целосен колапс, целосен хаос. Но, тоа нема да ме обесхрабри, напротив тоа ме мотивира дополнително, за час поскоро да почнеме да ги даваме услугите на граѓаните во Скопје какви што заслужуваат, а ги немаат со години. Тоа не значи со месеци, за денови ќе бидат реорганизирани јавните претпријатија“ – Орце Ѓорѓиевски, нов градоначалник на Град Скопје.
Граѓаните најдобро чувствуваат во каква состојба се претпријатијата – преку нечистите улици, преполните контејнери, нередовниот превоз, запуштените паркови...
Синдикатите се едногласни дека Ѓорѓиевски го чека многу работа, а проблемите се многубројни. Според СУТКОЗ, долговите на сите претпријатија достигнуваат и до 50 милиони евра.
„Нема ниту едно јавно комунално претпријатие на територија на Град Скопје коешто не е во долгови. Од сите, единствено само Паркинг работи без загуби, додека останатите сите работат со загуба“ – Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ.
Нередовното собирање на ѓубрето низ главниот град ги извади на виделина сите предизвици на Комунална.
„Проблемот на Комунална хигиена е немањето на опрема за работа на работниците, немањето на резервни делови за камионите, стариот возен парк што постои“ – Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ
80 возила на Комунална се расипани и не се користат. Слична е и бројката на автобуси кои стојат паркирани во гаражите на ЈСП. Истиот проблем е и таму – никој не им менува делови.
„Половина автобуси ни се дефект затоа што пропаѓаат тендерите во јавното претпријатие. Многу возила лежат за инјектори, за дизни, компјутери, може веќе и за гуми. Трагично е да гледаш автобус што лежи за еден, два или три резервни дела. Пропаѓаат тендери не се јавуваат добавувачи. Не се сигурни дека некој тоа ќе го плати“ – Миќо Стојановски, претседател на синдикатот на ЈСП
На ЈСП не му фалат само автобуси. Стојановски сведочи дека возачи си одат, а нови тешко се пријавуваат на огласите.
„Дури и тие автобуси да ги средиме, да успееме да ги поправиме, да ги сервисираме може ќе се соочиме со фактот да немаме доволно возачи“ – Миќо Стојановски, претседател на синдикатот на ЈСП
Ништо подобро не е ниту во останатите градски претпријатија.
„Флораком којашто работи на подигање на зеленило нема материјал за работа, односно нема семиња, тресет итн. Водовод се соочува со недостаток на оперативен и технички кадар. Во последните две години претпријатието го напуштија околу 280 вработени“ – Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ
И додека сите чекаат реформи и подобрување, 180 вработени во Дрисла се уште чекаат плата за септември...
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
