Македонија
3. November 2025 - 16:36

Вреди го победи ДУИ по бројот на градоначалници

Вреди победник во градоначалничката трка во албанскиот политички блок на локалните избори.

ВРЕДИ вчера доби четворица нови градоначалници, плус победа на независниот Менди Ќура во Струга, кој беше поддржан од владината коалиција. Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ вчера на контото додаде само уште еден градоначалник.

Со тоа, ВРЕДИ има 10 градоначалници, ако го сметаме и независниот Ќура, НАИ четири градоначалнички места.

Со вакви изборни резултати ВРЕДИ се прогласи за втора политичка сила во државата. Претставниците на партијата велат дека граѓаните покажале оти деструктивните политики на ДУИ веќе не поминуваат.

-Денес конечно се заокружи промената кај Албанците. ВЛЕН постигна убедлива победа речиси во сите општини кадешто бевме во вториот круг. Време е Али Ахмети да поднесе оставка, време е оваа партија да се реформира ако сака да остане како политичка партија, рече Башким Бакиу од ВРЕДИ.

Според ДУИ, тие се победници на национално ниво доколку се пресметаат гласовите за советничките листи, но партијата загубила во градоначалничката трка. ДУИ вчера оцени дека изборите биле кражба со грубо искористување на државниот апарат.

-Резултатите во некои општини не се одраз на волјата на граѓаните, туку последица на непринципиелни коалиции и привремени договори кои во суштина го нарушија текот на демократската трка. Овие вештачки сојузи може да донесат вештачки победи на хартија, но ќе имаат сериозни последици врз досегашниот напредок и постигнувања, како на локално, така и особено на национално ниво, рече Ахмети.

Но Албанскиот политички блок вчера загуби две клучни општини. Кичево за првпат по три мандати доби градоначалник Македонец, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски. Владејачката партија ја доби и трката во Брвеница, каде во вториот круг Јовица Илиевски обезбеди повеќе гласови од Хаќим Рамадани од ВРЕДИ.

Рамадани, пак, уште денеска почна да бара нова работа. Откако изборот на градоначалник во Брвеница го сведе на етничка тема, и доби ветување од премиерот дека ќе биде разрешен, тој преку Фејсбук соопшти дека од денеска е невработен.

Од денеска сум невработен. Јас сум дипломиран економист. Барам работа само во приватниот сектор, вели Рамадани.

Сепак, тој се уште ја нема депонирано својата оставка од функцијата директор на Инспекторатот за локална самоуправа. Владата се уште не може да го разреши, бидејќи мора и официјално да заврши изборнот процес. Според информации на Сител, постојат два основи поради кои Владата ќе го разреши.