Охрид добива Филмска академија
Благодарение на соработката на Владата со Академијата за филм (ФАМУ) од Прага, Охрид од оваа учебна година станува домаќин на новоформирана Јавна научна установа „Институт за филм – Филмска академија“.
Заменик-министерот за наука и образование Спиро Ристовски денеска во Охрид истакна дека станува збор за единствена соработка од ваков вид на ФАМУ со друга земја, за што заслуга имаат и членови на меѓународниот тим, составен од претставници на Филмската академија (ФАМУ) и Министерството за образование, сето со цел Институтот за филм за стане реалност и дел од македонскиот образовен систем.
- Институтот за филм ќе биде придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а ќе нуди постдипломски студии на катедри за сценаристика и драматургија, како и катедра за креатвина продукција. Тригодишните студии ќе се одвиваат на англиски јазик, а се прилагодени согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ од Прага, петтата најстара филмска школа во светот, истакна Ристовски.
Ристовски појасни дека наставниот кадар на Институтот за филм – Филмската академија во Охрид покрај редовните професори ќе го сочинуваат уште и професори од Прага, што ќе им овозможи на идните студенти да учат од најдобрите во областа.
- Практично од денеска до 4 октомври, со пополнување на електронска пријава на веб-страницата www.filmacademyohrid.com, почнува уписот на втор циклус студии на Институтот за филм...Интервјуата со кандидатите ќе се реализираат на 13 и 14 октомври, при што стручен тим на институцијата ќе изврши селекција на идните студенти, истакна Ристовски, појаснувајќи дека со цел да им се овозможи на најдобрите кандидати, независно финансиската состојба, да студираат на овој престижен институт, Министерството ќе додели 20 целосни стипендии за студентите што ќе запишат постдипломски студии по сценаристика и драматургија или креативна продукција.
Ристовски додаде дека Владата и ресорното Министерство интензивно ќе работат Институтот за филм да прерасне во регионално препознатлива високообразовна институција, со оглед на големиот интерес за овие студии и потенцијалот на Охрид да привлече интернационални студенти.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески изрази благодарност до сите оние кои посветено работеле на реализација на овој голем проект.
- Со отворањето на Филмската академија Охрид ќе зазема важно место на светската филмска мапа. Свесни сме дека преку оваа институција ќе се зголеми промоцијата на Охрид во светот, градот кој на темелите на милениумското културно и историско минато успешно ја гради својата иднина, рече Бакрачески изразувајќи уваерување дека ќе се реализира и идејата за отворање филмско студио, со што Охрид ќе стане и познат филмски град.
Професорот Томаж Петран од ФАМУ од своја страна истакна дека идејата за отворање студии за филм во Охрид произлегла од разговорите со неговиот македонски колега Иво Трајков, со кого студирале во Прага пред речиси три децении.
- Оваа идеја се остварува после седум години напорна работа...Многу луѓе, институции учествуваа и помогнаа за нејзиното реализирање. Оваа школа во Македонија е и продолжение на долгогодишната традиција на културна соработка меѓу двете земји, започната уште во 863 година кога Светите Кирил и Методиј дојдоа во Моравија во сесловенска образовна мисија...,рече меѓу другото Петран.
Тој изрази уверување дека отворањето на овој центар за филмска индустрија во Охрид, ќе значи не само образовна, туку и научна дејност, односно планирани се и докторантски студии, посветени на истражувачка мисла.
- Предвидено е да се развива истражувачката работа во областите на филмска индустрија, филмската теорија и визуелната антропологија односно историјатот на филмот. Веќе од наредната година планираме да бидат отворени и катедрите за режија, камера и постпродукција - монтажа, рече професорот Петран.
На прес-конференцијата беше уште нагласено дека претставниците на ФАМУ од Прага во текот на разговорите околу отворањето на образовната установа и институт за филм во Македонија инсистирале нејзиното седиште да биде во Охрид, не само поради своето исклучително културно-историско богатство, туку и како локација со природна филмска сценографија.
Академската година на новата научно-образовна устанува е предвидено да започне во текот на ноември оваа година. Јавната научна установа „Институт за филм – Филмска академија“ ќе работи во просториите на сегашниот Универзитет за информатички науки, што е предвидено да биде дислоциран во простории на научниот кампус што ќе се наоѓа во кругот на поранешниот армиски гарнизон „Генерал Михајло Апостолски“.
Ново на Сител
-
Шекеринска на средба кај Сиљановска
-
Преглед на вестите од светот
-
Денот на албанската азбука – Честитки и превирања
-
ВМРО-ДМНЕ бара извинување од Апасиев по инцидентот
-
За повисок економски раст треба повеќе да се штеди, помалку да се троши
-
Зајкова бара укинување на банкарските провизии
-
Таравари и Мемеди на една страна, ДСЗИ на друга за надзорите на Детска
-
Свечена седница во Влада по повод Денот на албанската азбука