Избран новиот централен одбор на СДСМ, Филипче најавува враќање на победничките патеки
Фани Каранфилова Пановска е нова заменик претседателка на СДСМ. На денешниот конгрес СДСМ избра и нови 113 членови на Централниот одбор но на оваа листа нема ниту еден од пратеничката листа ниту од досегашните високи партиски членови. Филипче вели дека шанса добиваат нови лица кои треба да ја освежат партијата.
Поранешни високи функционери сепак присуствуваа на денешниот конгрес, меѓу нив и поранешните претседатели Бучковски и Ковачевски, но не и Заев кој важи за еден од најблиските соработници на Филипче. Причина за неговото отсуство лидерот на партијата вели се обврски на Заев надвор од државата.
Претходно пред делагатите Филипче порача дека изборниот пораз не е крај, туку нов почеток на партијата која ќе се врати на победничките патеки. Иако нема волшебно решение Филипче најавува нова ера со партиски политики кои треба да донесат победа на следните локални избори. За историски најголемиот изборен пораз вели дека вината е кај сите подеднакво.
ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш биле и ќе останат политички кукавици и партија која никогаш нема превземено одговорност во клучни моменти за државата, вели Филипче. Нивните политики го кочат напредокот на државата, а Македонија ја туркаат во нов ера на режимско владеење. Според ВМРО-ДПМНЕ пак Каранфиловска како поранешна претседателка на фондацијата Отворено општество не е нов лик на политичката сцена. Со вакава понуда на кадри премиерот Мицкоски не гледа надеж дека СДСМ може да се реформира.
До крајот на следната недела новиот Централен одбор на СДСМ ќе ја одржи првата седница на која ќе бидат избрани членовите на Извршниот одбор, новите потпретседатели генерални секретари на партијата.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар