Николски за заемот од 6 милијарди евра: Делот за тоа колку ќе се задолжиме е погрешно пренесен
Не знам како е тоа пласирано во јавноста, но делот дека толку ќе се задолжи државата е погрешно пренесен, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во врска со информацијата дека Владата планира да земе шест милијарди евра кредит од европска држава.
Во гостување на тв Сител, Николоски потенцира дека за кредитот работите треба појасно да се прикажат.
Државата, рече, работи на голем инвестициски циклус што треба да опфаќа автопати, регионални и експресни патишта, железничка инфраструктура, болници, образование,… и за сите овие проекти дел од средствата се веќе обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени „како што секоја нормална високо развиена западна држава прави кога инвестира во вакви проекти“.
Деталите за тоа на кои конкретно проекти ќе се трошат парите, ќе се знаат, истакна, за месец – два. Дискусиите се уште се во тек и се во многу напредна фаза.
Според министерот, амбиција број еден на Владата е да изгради брза пруга на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција, од Табановце до Гевгелија. Пругата ќе има две линии, една карго која ќе оди со брзина од 120 километри на час и една патничка со брзина од 160 – 200 километри на час. Карго пругата ќе биде со должина на возови до 750 метри што е максимум секаде во светот и ќе ја направи Македонија многу конкурентна, додека патничката ќе овозможи од Скопје до Солун да се патува за час и половина до час и 40 минути. Кога Србите ќе го завршат својот дел, од Скопје до Белград ќе се патува за 2,5 часа, а од Скопје до Будимпешта за 4,5 часа и од Скопје до Виена за шест часа.
– Не знам на кој начин е пласирана информацијата во јавноста, но делот дека толку ќе се задолжи државата е погрешно пренесен. Треба појасно да ги прикажеме работите. Работиме на голем инвестициски циклус што треба да опфаќа повеќе сектори, автопатишта, регионални и експресни патишта, железничка инфраструктура, болници, образование,… Се работи за тековни и нови проекти, како и за проекти кои треба да ја променат сликата на Македонија. Но, тоа не значи дека од едно место ќе се позајми определена сума пари, туку дека дел од средствата се веќе обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени како што секоја нормална високо развиена западна држава прави кога инвестира во вакви проекти, истакна Николоски.
Тој очекува патничката пруга да биде готова за неполни пет години и од 2031 година да биде во функција.
Николоски потсети дека моментно се градат четири автопати, а амбицијата е да се отвори уште еден.
– Во моментов градиме паралелно четири автопати со амбиција да отвориме и петти. Го градиме Тетово – Гостивар, го градиме Гостивар – Букојчани, го градиме Гостивар – Кичево, Кичево – Охрид кој е во многу напредна фаза, го градиме Прилеп – Битола и дополнително на ова имаме активен тендер за Кичево – Букојчани. Се градат експресни патишта, втората фаза од експресниот пат Прилеп – Градско, делницата од Дреново до Фариш е пред завршување ќе ја пуштиме за сообраќај. Тука е делницата од Богданци до Гевгелија, имаме и други регионални патишта, истакна вицепремиерот Николоски.
На прашањето за ставот на бугарскиот министер кој вели дека се чека Македонија да одлучи за пругата, Николоски е дециден:
„Во однос на ова прашање освен јас и јавноста е уморна од изговори од другата страна. Во оваа работа има зборови и дела. Во моментов зборови за Коридрот 8 има многу, но дела има само во Македонија. За жал, другите две држави не работат ништо во делот на железничката инфраструктура. Во овој момент единствено Македонија гради железница на Коридорот 8“.
Ново на Сител
-
Подготовките за локалните избори во полн ек – Таравари на излезна врата
-
И Димитриевски и СДСМ ги повикаа истражните органи да утврдат дали има корупциски скандал во Куманово
-
Предлог-закон на СДСМ за помош на настраданите од Кочани, од ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржат - имаат свој план за помош
-
Истрагата за пожарот во Кочани во полн ек, родителите обвинуваат за масовно убиство
-
Кој треба да истражува дали има фиктивна вакцинација на деца со лажни потврди?
-
Медицинска опрема вредна 13 милиони евра не се користи и скапува во подруми утврди ДЗР
-
Засега ќе нема нови мерки за цените – хигиенските производи во дел од маркетите поскапеа за над 50%
-
Отворена новата градинка „ Пролет“ во општина Центар