Македонија
8. May 2025 - 16:36

Истрагата за пожарот во Кочани во полн ек, родителите обвинуваат за масовно убиство

Дел во зградата на скопскиот кеј, други во Кочани.. Јавното обвинителство, интензивно работи на распит на осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“.. Се сослушуваат и сведоците, вкупно 300, а обемниот процес, според републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, ќе заврши до средината на идниот месец.. Тогаш ќе биде и познато колкумина ќе седнат на обвинителна клупа за кочанската трагедија..

Коцевски негира дека обвинителството постапувало селективно во однос на полициските службеници и вели дека истрагата е во тек, па не се исклучувала можноста да има и нови осомничени.. Тоа што власта се откажа од негово разрешеување, уверува дека не влијае врз предметот и врди дека никој од политиката не се мешал во начинот на кој се води истрагата.. 

Родителите на загинатите пак, денеска во писмена изјава за јавноста побараа одговорност од сите инволвирани лица и институции, а трагедијата ја оценија како масовно убиство.. Повикуваат на неселективна правда, и пишуваат дека ако домашните институции не си ја завршат работата, подготвени се правдата да ја бараат и пред судот за човекови права во Стразбур.. 

„Оваа трагедија ја карактеризираме како масовно убиство и тешко загрозување на човековите животи и безбедноста, и бараме надлежните институции да постапат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународни конвенции. Потребно е да се утврди дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедија„, се истакнува во изјавата.

Минатата недела, родителите одржаа протест пред јавното обвинителство, дел беа и на средба, а како што вели Коцевски, им било одговорено на сите прашања кои ги имале за случајот.. 

Пожарот во дискотеката Пулс се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а под сомнеж дека сносат вина за трагедијата се околу шеесетмина.. Осомничени се поранешни министри, градоначалници, директори на Пазарниот инспекторат и дрирекцијата за заштита и спасување, сопствениците на дискотеката и фирмата за обезбедување..