И Димитриевски и СДСМ ги повикаа истражните органи да утврдат дали има корупциски скандал во Куманово
Димитриевски ги повика истражните органи да утврдат дали има корупција при продажба на парцелата каде Лидл ќе гради маркет во Куманово.
Вели дека неговата фамилија земјиштето го поседува како наследство со турска тапија, истото е продадено на неговиот кум во траспарентна и законска постапка. Ги негира тврдењата на СДСМ дека новиот детален урбанистички план е веќе донесен. На последната седница е донесена одлука за усвојување на нацрт документ, но дури и со новиот ДУП постоечката парцела и габарит не се менуваат
Предметното земјиште за кое сега неосновано ме обвинува СДСМ е со вкупна површина од 1200 м2, тоа било во сопственост на членови на моето семејство и изнесува само 2,8 проценти од вкупната површина на парцелата во ДУП-от. Инвеститорот ЛИДЛ МК прави преддоговор за откуп на имотот од таа парцела во ДУП -от на 23.02.2024 година и договор за купопродажба на земјиште од 1200м2 на 26.01.2024 година. Врз база на тој преддоговор инвеститорот ЛИДЛ МК на 27.02.2024 година покренува Иницијатива за усогласување на номенклатурата на постоечкиот ДУП согласно со новиот закон за урбанистичко планирање од 2020 година донесен од СДСМ. СДСМ веќе не е партија, тоа е остаток на мафија на кои им се тресе фотељата. Денеска сакам да им порачам - колку повеќе лажете, толку посилен ќе биде нашиот одговор, вели Димитриевски.
Од СДСМ пак денеска објавија документи, полномошно со кое кумот на Димитиревски го овластува Лидл во негово име да иницира постапка за промена на Деталниот урбанистички план во Куманово.
Прашуваме, дали е вистина дека постои друг договор помеѓу кумот на Максим склучен со Лидл, во кој тој се обврзува да издејствува измена на ДУП-от во рок од две години? Дали е точно дека согласно тој договор, тој иако ги наплатил сите 600.000 евра, смее да користи само 180.000 евра, а останатите 420.000 мора да бидат на сметка и дека ќе може да ги користи дури по реализација на договореното, односно измена на ДУП-от?
Опозицијата вели дека ова е најголемиот корупциски скандал во Куманово кој не смее да биде игнориран од Антикорупциската комија и јавните обвинители.
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар