Засега ќе нема нови мерки за цените – хигиенските производи во дел од маркетите поскапеа за над 50%
Месецов ќе нема нови мерки за цените. Министерот за економија смета дека ограничените маржи дале резултат и и граѓаните не се соочувале со „неподносливи поскапувања“. Ситуацијата сега ќе се следи, вели Дурмиши и ако контролите на пазарниот инспекторат покажат дека има неоправдано поскапување од страна на трговците, дистрибутерите или производителите - ќе има построги мерки. Во игра е проширување на листата производи со ограничени цени, воведување маржи на сите продукти или зголемување на постојните ограничувања.
„Ако оди покачување на цената 10, 15, 20% на одредени производи и ако ова се утврди од државниот пазарен инспекторат и не известат во писмена форма, ние имаме сектор внатре што прави анализи врз основа на податоците што ги зема од ДПИ и врз основа на тие анализи и податоци што ќе ги земеме, ќе донесеме поригорозни мерки“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Од понеделникот во дел од маркетите наеднаш поскапеа голем број производи. Најдрастично зголемување од над 50% има кај хигиенските производи, како тоалетната хартија, влажните марамчиња и пастата за заби, а нови цени имаат и млечните производи, јајцата, месото, зејтинот...Ова следи откако мерките за замрзнати цени и маржи истече на крајот од април.
Државна статистика објави дека инфлацијата во април, споредбено со март, била нешто под 1%.
„Инфлацијата за април е практично нула, во споредба со март, имаме само 0.6% зголемување. Во споредба со април минатата година, инфлацијата е 2,6%, што значи не надминува 3% и е во стабилна фаза“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Дурмиши најави дека се можни законски измени за да им се дадат овластувања на пазарните инспектори да прават контроли и на зелените пазари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар