Мекграт: Штитот на демократија е европски одговор за заканите по демократските вредности

Иницијативата Европскиот штит на демократијата ја одразува посветеноста на заштитата и зајакнувањето на демократијата низ целата Европска Унија, но и во земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство, истакна еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт во дебатата во Европскиот парламент по Извештајот за Штитот на демократијата.
– Основите на демократијата се потпираат на слободните луѓе, слободни и фер избори, слободни медиуми и силни демократски институции и процеси. Бидејќи демократијата е нашиот начин на живот, ние носиме колективна одговорност не само да ја зачуваме, туку и да обезбедиме нашите демократски вредности да се шират во корист на сите граѓани во Европа, истакна Мекграт.
Тој нагласи дека Штитот на демократијата опфаќа пристап кон целото општество, почнувајќи од Европскиот парламент, па се до најмалата локална заедница и во неговата срж е зајакнување на граѓаните и нивните слободи.
– Демократијата не е имуна на предизвиците. Авторитарните режими применуваат сè поагресивни тактики за поткопување на демократските институции и вештачки манипулираат со јавното мислење. Координираните дезинформативни кампањи на Русија, како дел од поширокиот контекст на хибридни напади, се јасен потсетник дека заканите со кои се соочуваме се навистина реални и ескалираат, додаде Мекграт.
Според еврокомесарот, сето ова се случува во услови обележани со сложеноста што ја носат дигитализацијата, зголеменото влијание на онлајн платформите, вештачка интелигенција и промените во медиумскиот пејзаж, на што е потребен обмислен и робустен одговор.
– Штитот на демократија е тој европски одговор. Тој обезбедува стратешка рамка дизајнирана за заштита, зајакнување и промоција на демократијата низ целата Унија. Базирајќи се врз солидното ниво на регулаторната рамка и на политичките алатки и структури за соработка што ги развивме, тој претставува сеопфатен сет на мерки, рече Мекграт.
Тој нагласи дека Штитот има за цел зајакнување на свеста за состојбите и поддршка на капацитетите за заштита на интегритетот на информацискиот простор, зајакнување на демократските институции и процеси и зголемување ма општествената отпорност и ангажманот на граѓаните.
Според него, овие цели се од суштинско значење за „здравјето“ на европските демократии, па затоа со Штитот се предвидени мерки што ќе почнат да се спроведуваат постепено од сега, па до 2027 година.
Во тие рамки Мекграт најави дека ќе биде создаден Европски центар за демократска отпорност, со задача да обезбеди оперативна соработка и споделување информации меѓу земјите членки и државите кандидати за членство, со што ќе се зголеми колективниот капацитет за справување со заканите по демократијата, особено кога станува збор за странското мешање и манипулации со информациите.
– Во ера кога слободата на изразување и јавните дебати се под влијание на манипулации со информациите и координирани кампањи за дезинформации кои се обидуваат да се мешаат во демократските процеси, како што се изборите, мора да дејствуваме заедно и решително за да ги поддржиме нашите демократски вредности и принципи, истакна Мекграт.
За таа цел во рамки на Штитот ќе бидат воведени дополнителни мерки за зајакнато спроведување на европските регулативи поврзани со дигитални услуги и создавање на центар за проверка на фактите со цел идентификување на дезинформации и содржини генерирана од вештачка интелигенција.
– Ова е клучно за да се обезбеди дека гласот на луѓето ќе биде слушнат и дека тие можат слободно да ги изразат своите ставови, да се соочуваат со идеи и да имаат пристапат до извори на информации без да бидат манипулирани од ботови, „фарми на тролови“, лажни содржини и лажни профили на социјалните медиуми, додаде еврокомесарот.
За заштита на слободните и фер избори, кои, како што рече Мекграт, се камен-темелник на демократијата, во рамки на Штитот ќе се формира Европската мрежа за соработка за избори, со задача за споделување на најдобри практики за заштита на интегритетот на изборните процеси и одговорно користење на вештачката интелигенција во нив, со што ќе се обезбеди напредната технологијата „да и служи на демократијата, а не да ја поткопува“.
– Како што знаете политичарите сè повеќе се изложени на закани, напади, па дури и насилство, како во живо, така и онлајн. Особено цел на ова се жените. И локалните нивоа не се имуни на вакви напади. Комисијата ќе усвои препораки за безбедност во политиката и, меѓу другото, ќе подготвиме водич за најдобри практики на тоа поле, додаде Мекграт.
Во тие рамки ќе зајакнат напорите за транспарентноста и интегритетот на финансирањето во политиката и спречување на користење на анонимните донации и криптовалути за политички активности на нетранспарентен начин.
– Слободните и независни медиуми се од витално значење за демократијата, кои знаеме дека денес се соочуваат со значителни предизвици, во одредена мера поврзани со дигитализацијата, подемот на онлајн платформите и генеративната вештачка интелигенција, нагласи Мекграт.
За справување со овие предизвици со Штитот се предвидуваат мерки за зајакнување на економската одржливост на медиумскиот сектор, за заштитата на новинарите и нивната безбедност, како и за и понатамошна борба против т.н. тенденциозни СЛАП тужби.
Мекграт потенцира дека граѓаните се првата линија на фронтот во одбраната, заштитата и промоцијата на демократијата, па затоа со Штитот се предвидуваат и мерки за зајакнување на општествената отпорност и поттикнување на граѓанскиот ангажман.
– Демократијата напредува само кога граѓаните се информирани, свесни и активно вклучени во демократскиот живот. За таа цел започнуваме иницијативи за зајакнување на граѓанското образование и за промоција на дигиталната и медиумската писменост во училиштата и пошироко, додаде Мекграт.
МИА
Ново на Сител
-

Експерти: Анкетна комисија за Пулс во Парламентот може да влијае на судската постапка
-

Тема на денот со Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група СДСМ
-

Одложено утрешното судење за „Пулс“, обвинетите не го добиле обвинението
-

Заврши истрагата за полициските службеници осомничени за пожарот во кочанската дискотека
-

Екс министерот Димковски осомничен за криминал со стоковните резерви
-

Судски совет презентираше програма за борба против корупцијата во судството
-

Мицкоски до утре ги чека предлозите од ВРЕДИ за празните места во Владата
-

Над 6 илјади граѓани аплицирале за грант за отворање сопствен бизнис
