Судски совет презентираше програма за борба против корупцијата во судството
Откако едвај успеа да имплементира половина од старата страгетија за спречување на корупцијата во судството, Судски Совет презентираше нова. Со задолжителни обуки за етика на судиите, следење и контрола на движењето на предметите, модернизација на ИТ инфраструктурата, воспоставување координација со јавните обвинителства, адвокатските комори, академијата и граѓанското општество, Судскиот Совет ќе ја враќа довербата во судството.
Но дали обуките за етика ќе бидат доволни за враќање на довербата?
-Кога секојдневно вие работите со голем број на предмети како што е во случајот кај нас со судиите, не дека се заборава на тоа однесување, меѓутоа, убаво е од време на време да имаме такви работилници, средби, кадешто колегите ќе споделуваат искуства, размислувања, некои двоумења дали некое однесување е етичко или не е етичко, дали влијае или не влијае на нивното професионално расудување или непристрасно постапување. Затоа мислам дека етиката е многу-многу важна и клучна токму во зајакнување на судиите, вели претседателот на СС, Александар Камбовски.
Во програмата на Судскиот Совет за првпат се споменува терминот „сексторција“, односно сексуална изнуда. Советот ќе прави и посебна студија за оваа проблематика.
„За првпат споменувате ‘сексторција’, како термин. Постои вакво нешто во судовите во Македонија?“
-Постои во некои минимални рамки, да речам. Меѓутоа, следејќи ги трендовите на Европската Унија, кадешто се стремиме, го вклучивме и тоа, да се внимава и на тоа. Ќе има други параметри, поинакви регистрирања на такви појави и би добиле појасна слика дали навистина има и колку има појава на такви случаи, вели Камбовски.
Камбовски вели дека при изготвување на Програмата внимавале таа да има минимални фискални импликации, особено поради судирот со извршната власт околу буџетот за праводството. Сепак, вели дека постојат точки во Програмата кои ќе бараат дополнителни средства, како вработување на портпарол во Судскиот совет на пример.
Во контекст на судирот со Владата, Камбовски уверува дека платите на судиите се минимален дел од реформите за кои Македонија се согласила да ги направи. Според него, ако сакаме да градиме судство, без финансии тоа не е можно.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
