Екс министерот Димковски осомничен за криминал со стоковните резерви
Екс министерот за земјоделство Трајан Димковски заедно со уште 4 лица е осомничен за криминал тежок 780.000 евра во рамки на акцијата која од утрово ја спроведува полицијата во координација со скопското обвинителство.
Како што неофицијално дознава Сител од извори во истрагата, тие се сомничат за злоупотреба на службената положба откако во периодот меѓу 2021 и 22 година надвор од законите дозволиле да се изврши отпис на околу 2000 тони житни култури од стоковите резерви.
Покрај Димковски кој во тоа време бил заменик министер осомничени се и тогашниот директор на Агенцијата за стокови резерви, уште двајца раководители и еден вештак од бирото за проценки во земјоделството.
Информацијата утрово ја потврди и државниот јавен обвинител но не изнесе повеќе детали
Нешто повеќе информации сподели Обвинителството во соопштението попладнево.
„Осомничените ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба и иако биле должни да ја известат Владата дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен истите доставиле неточни податоци и информации. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна“ – стои во соопштението на Обвинителството.
Од СДСМ, чиј кадар е екс министерот Димковски обвинуваат за монтиран случај кој според нив требало да ја дефокусира јавноста од случајот ИПАРД
„Ваквите монтирани и неосновани пријави за Трајан Димковски, кој целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт не може да бидат никакво алиби. Очекуваме судските органи да го следат исклучиво словото на законот и во целост да ги отфрлат овие неосновани и монтирани пријави за Димовски. Станува збор за класичен политички прогон, без правна основа и обид за замолчување на СДСМ во откривање на сите корупциски скандали на власта на Мицкоски.“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Како што соопшти Обвинителството, осомничените ќе ги гони во скратена постапка поради што од судот побарале на сите да им бидат одземени пасошите.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
