Македонија
25. November 2025 - 16:31

Над 6 илјади граѓани аплицирале за грант за отворање сопствен бизнис

Повеќе од 6 илјади граѓани покажале интерес за отворање сопствен бизнис преку мерката „самовработување“. Досега издадени се речиси 3 илјади ваучери за изработка на бизнис-план, а над 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори за грант. Над половина од апликантите се млади до 29 години. 

„Самовработувањето создава работни места таму каде што нема големи фабрики, отвора перспективи во руралните средини, ги активира младите, ги зајакнува жените претприемачи и им овозможува на секој со добра идеја да ја претвори во успешна економска приказна. Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места, нови успешни приказни“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Младите до 29 години ќе добијат 10 илјади евра, а оние со над 29 по 7 илјади евра. Министерот за економија ги појасни условите.

„Првата година ако не упеат да ја вршат својата дејност 80% од тие средства треба да ги враќаат, должни се. Втората година 60%. Минимум треба да постои фирмата две години, па после тоа може да се затвора“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Околу 400 лица ќе добијат и менторство во првите шест месеци од работењето.

Мерката е дел од Оперативниот план за вработување, кој тежи околу 40 милиони евра. Опфатени се над 16 илјади граѓани.