Македонија
29. September 2025 - 16:43

Обвинението за пожарот во „Пулс“ ќе биде оценето до петок

Обвинението за пожарот во кочанската дискотека, ќе биде оценето до крајот на неделава. Судии од скопскиот Кривичен суд ќе проверуваат дали обвинителниот акт е добро образложен, разбирлив и дали постојат доволно докази.

Одолговлекувањето на постапката за оценка, судот го правда со неможноста да ги пронајде дел од адвокатите на 33 обвинети и претставниците на трите фирми. Тие не биле во своите канцеларии, па немало кој да го прими предметот.

Речиси пред истек на сите рокови, сега од судот велат дека предметот ќе биде оценет најдоцна до петок.

Со оглед дека во овој момент сите обвинети и нивни бранители го имаат примено обвинителниот акт и на 03.10.2025 година истекуваат сите Законски рокови за прием и достава на приговор, со што се исполнувааат сите услови за оцена, па се очекува до крајот на неделата да биде оценет“, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Во меѓувреме, ИРЛ во видео сторија објави документи според кои за незаконското работење на дискотеката знаеле инспектори на УЈП ама тие не биле обвинети. Обвинителството ги потврди материјалите и велат дека тие се докази во обвинението.

Премиерот Мицкоски, смета дека сите кои имаат поврзаност со случајот, треба да одговараат и додава дека е незадоволен од тоа како обвинителството ја завршило работата.

Се разбира дека случајот го води обвинителството, јавниот државен обвинител Коцевски. Таму изминатиов период 12 обвинители беа тие кои работеа на овој случај. Ако е прашањето дали сум задоволен од работата на обвинителството, мојот одговор ќе биде, не сум задоволен. И токму тоа беше причината зошто поддржавме во парламентот смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Треба секој оној кој што на било каков начин и во било каква форма има било каква поврзаност со тој случај да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

За лидерот на опозициската СДСМ, било јасно дека власта штитела свои функционери, за кои како што вели Филипче, биле и чести гости во дискотеката.

Ние изминатиот период видовме дека оваа власт направи се да заштити свои функционери во истрагата за Кочани. И еве сега гледаме дека практично тие биле многу чести гости и привилегирани гости на таа дискотека Пулс. Да не беа нашите прес конференции на кои обелоденувавме многу работи и факти, огромен дел и од тие што беа опфатени немаше да бидат опфатени со истрагата. Жалам што можам да констатирам дека вчера преку тоа го видовме најгрдото лице на оваа власт“, изјави Венко Филипче, Претседател на СДСМ.

За пожарот во дискотеката во кој загинаа 62 млади истрага се води и за 29мина полициски службеници. За нив, како што велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, се уште трае истрагата и анализата на обезбедените докази.