Македонија
12. November 2025 - 16:54

Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда, надлежните ветуваат ефикасност

Со засилено обезбедување, присуство на лекарски тим и уверување дека е се подготвено за почеток, надлежните најавуваат дека судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека ќе почне без никакви пречки.

На денешниот брифинг со новинарите, во судницата каде ќе се одвива процесот, в.д претседателката на Кривичниот суд, државниот обвинител и првиот човек на адвокатската комора, уверија дека се ќе направат да се обезбеди непречено и фер судење. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта.

„Апелирам до Јавното обвинителство, одбраната и адвокатската комора да се однесуваме достоинствено и да не дозволиме да се наруши принципот на непристрасност, правично и фер судење“, истакна в.д претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска.

Таа најави дека судот ќе ја контролира секоја доставена медицинска документација доколку некој од учесниците побара одложување поради здравствени причини. Ангажиран е дополнителен судија поротник и записничар.

Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Бидејќи доказите и сведоците биле исти, сметаат дека раздвојувањето на предметот ќе ја успори постапката. Иако во судницата ќе седат 38 обвинети, обвинителството потсетува дека и во минатото имало случаи со голем број учесници и немало пречки за судењата.

Претседателот на адвокатската комора, Љубомир Михајловски побара дисциплина и професионалност од бранителите. Откри дека дел од адвокатите ќе ги застапуваат и правата на семејствата на оштетените.

Судењето за пожарот во кочанската дискотека ќе се одвива во судницата во близина на затворот Идризово. Идната среда, на 19 ноември, тука за првпат ќе седнат 35 обвинети кои одговараат за кривичното дело, тешки дека против општата сигурност“ 

До средината на идниот месец, закажани се уште шест судски рочишта. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 млади, а над 200 беа повредени.